31.08.2012, 15:56 Апелацискиот суд донел одлука за „тигарот“ Спасов
Од судот ја потврдуваат веста, но одлуката не ја соопштуваат, туку велат дека тоа ќе биде направено преку Основниот суд Скопје 1
Скопскиот Апелациски суд донел одлука за поранешниот припадник на полициската единица „Тигар“, Игор Спасов, кој беше обвинет за убиство на младиот Мартин Нешкоски. Од судот, каде што во почетокот на јули беше одржана јавна седница за овој предмет, ја потврдуваат веста, но одлуката не ја соопштуваат, туку велат дека тоа ќе биде направено преку Основниот суд Скопје 1 кој во јануари оваа година го осуди Игор Спасов на затворска казна во траење од 14 години.
Сп��ред најавата од повисокиот суд, одлуката треба да биде препратена до „Единица“ најдоцна до понеделник.
Убиството на Нешкоски се случи ноќта по минатогодишните парламентарни избори, кои се одржаа на 5 јуни. Спасов се товари дека со боксови и клоци го усмртил Нешкоски, по неговиот обид да се искачи на бината на која било раководството на владејачката партија.
На судскиот процес Спасов негираше дека го сторил делото за кое се товари. Тој изрази жалење за случајот, а на членовите на семејството на Мартин им рече дека доколку им треба обвинето лице, тој ќе биде тоа, но дека нема да се согласи со тврдењето дека е човекот кој го убил нивниот син Мартин. Со слични тврдења Спасов излезе и пред петчлениот совет на скопска Апелација, на седницата која се одржа по негово барање. (Љ.С.)
|