02.09.2012, 12:41 Двајца виничани затаиле 6,3 милиони денари данок
Центарот за сузбивање организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против виничаните И.Г. (43) и С.П. (27), основач и управител на фирмата „ВИН ИНВЕСТ“ од Виница, поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела „перење пари и други приноси од казниво дело“ и „даночно затајување“.
МВР соопшти дека пријавените И.Г. и С.П. од 2008 до 2011 година, се стекнале со противправна имотна корист во вкупен износ од 6.298.649 денари бидејќи во тој период не пресметале и не уплатиле персонален данок во износ од 2.170.725 денари и ДДВ во износ од 4.127.914 денари. Поголемиот дел од нелегално остварениот профит, 5.081.170 денари го легализира��е со пуштање во промет на сметката на нивното друштво “ВИН ИНВЕСТ“ ДОО Виница во вид на позајмици, односно овие средства ги инвестирале во изградба на стопански објект-хала „Горица“ во Виница (3.888.070 денари), како и за купување градежно земјиште со површина од 373 метри квадратни на Кожуф, од Ски центар Кожуф АД Кавадарци (1.193.100 денари).
Во деловните 2008 до 2011 година пријавените преку “ВИН ИНВЕСТ“ ДОО Виница за потребите на клуб кабаре „ЕФЕКТ“, Виница, регистрирано во рамките на „ВИН ИНВЕСТ“ ДОО Виница, вршеле набавка на пијалоци од поголем број правни лица и ги продавале без да ги евидентираат во деловните книги, пришто не го прикажале и не го уплатиле дневниот промет во нивното друштво, а истовремено не го евидентирале приходот од продажбата на пијалоци. На тој начин пријавените го сториле кривичното дело „даночно затајување“.
Истовремено, на тој начин пријавените И.Г. и С.П. за посочениот период, во друштвото „ВИН ИНВЕСТ“ ДОО Виница, односно во „Клуб Кабаре ЕФЕКТ„-Виница, не прикажале промет во вкупен износ од 22.932.915 денари, односно непресметале и затаиле данок на додадена вредност во вкупен износ од 4.127.924 денари.
Покрај тоа, бидејќи се работи за неевидентирана набавка на пијалоци која е извршена во готово, а со тоа и неевидентирање на целокупно остварениот промет со продажба на пијалоците во „Клуб Кабаре ЕФЕКТ“, кој не е уплатен како дневен пазар од пријавените одговорни лица во „ВИН ИНВЕСТ“ ДОО Виница, тој се смета како лично примање на одговорните лица. На тој начин двајцата биле должни, но не уплатиле персонален данок во вкупен износ од 2.170.725 денари. По двата основа (ДДВ и персонален данок), пријавените затаиле и присвоиле вкупен износ од 6.298.649 денари, како против правна имотна корист за себе и друштвото оштетувајќи го Буџетот на Р.М.
Од друга страна пак, пријавените нелегално стекнатиот профит делумно, во износ од 3.888.070 денари, го легализирале на тој начин што го пуштиле во промет на сметката на друштвото „ВИН ИНВЕСТ“ ДОО Виница во вид на позајмици, кои ги инвестирале во изградба на стопански објект-хала „Горица“-Виница, а дел, односно износ од 1.193.100 денари го легализирале со купување на градежно земјиште со површина од 373 метри квадратни на Кожуф, од Ски центар Кожуф АД Кавадарци или пуштиле во оптек вкупно 5.081.170 денари, сума за која знаеле дека е стекната со кривично дело, па така го сториле кривичното дело – “перење пари и други приноси од казниво дело“, се вели во соопштението од МВР. |