09.11.2012, 18:07 Смени го каналот
Ергенлак - пашалак, па МЕНСА-шоу
Јасминка Павловска
„Никој не е задоволен од своето богатство, ниту незадоволен од својата памет“ - Антоанет Дезилиер, француска писателка
„Луд е само оној чија лудост не се совпаѓа со лудилото на мнозинството“
- Семјуел Бекет, ирски драмски писател
„Неволјата со овој свет е таа што глупавите се толку сигурни, а паметните полни со сомневања“ - Бертранд Расел - филозоф и политиколог
„Секоја интелигентна будала може работите да ги направи поголеми, покомплексни и понасилни. Но, потребен е допир на гениј и многу храброст за нештата да тргнат во спротивна насока“.
- Алберт Ајнштајн, физичар
„Сакам да ги ставам натпросечно интелигентните лица во земјава во функција на државата. Тие ќе даваат предлози, а јас на крајот ќе направам избор“ - „тонч“ од Никола Тодоров, министер за здравство на Македонија
Гледањето телевизија изминатата недела за некого можеби беше фрустрирачко, за друг инспиративно, за некој трет депресивно, но, се чини, сите пред телевизорите завршивме со навреда на интелигенција, или пофалба на лудоста. Или едноставно, сите грижи да ги удрите на веселба, па наместо да се ангажирате за докажување на сопствената интелигенција, да откриете што заклучиле некои веќе докажано интелигентни луѓе. Се' во зависност од личната перцепција на огласот за советници на министерот за здравство, Никола Тодоров, кој патем не беше толку транспарентен, па да го открие своето „ај кју“. Ако не сте меѓу оние скромни Македонци на кои МЕНСА им потврдила дека имаат измерено интелигенција со ај кју (IQ) поголемо од 140, имате можност да изберете како да се чувствувате кога министерот вели: „Сакам да ги ставам натпросечно интелигентните лица во земјава во функција на државата. Тие ќе даваат предлози, а јас на крајот ќе направам избор“. Бидејќи е природно чувството за секој со малку самопочит да не биде задоволен од своето богатство, ниту незадоволен од својата памет, голема е веројатноста дека најголемиот број Македонци огласот на министерот го доживеале како предизвик, во кој единствената пречка им се само формалностите за тестирање во МЕНСА. И можеби тоа што министерот не нуди некое богатство за нивните советодавни услуги...
Во секој случај, огласот предизвика одамна невидена забава во сите дебатни и информативни емисии на телевизиите, што барем оваа недела не се почувствува недостатокот од забавни програми во македонскиот етер. А министерот Тодоров со својата популарност ги надмина границите на болничките кулоари, гневот на „белите мантили“ што му се закануваат со штрајк, македонскиот информативен простор, па се прослави и на агенции како што е Асошиетед прес и други регионални интернет-портали. За тоа беше награден со ексклузивно гостување на Сител 3, во трансферираниот „Јади бурек“ кај Јанко.
Таква среќа не го послужи адвокатот Ванчо Шехтански, лидер на ТМОРО, државен локално управен инспектор и предлагач на данок за „ергенлак - пашалак“. А не дека неговиот предлог не беше доволно забавен за да заслужи гостување во „Јади бурек“, ако веќе не стигна да влезе во разгледување и собраниска процедура. Меѓу другото, и затоа што предлогот предизвика национално обединување во неговото одбивање. Прво го одбија сите партии, па во отворените контактни програми на телевизиите предизвика масовен потсмев и гнев, од една страна, но и правдање на немажените и неженетите зошто не го сториле тоа во рокот предвиден според предлогот на Шехтански (30 години за жени и 35 за мажи), а наводно преземен од некој даночен законик на некоја европска држава. Овој ергенско-казнен предлог-закон на Шехтански, од трета страна, откри уште еден феномен на македонскиот менталитет - потреба на луѓето да се правдаат пред предрасудите на општеството за нивниот личен избор, или проблем (сеедно)! Па темата која во нормални услови би била за „релаксирање на односите“, создаде тензично расположение кое го релаксираше на крајот огласот за проверка на народната интелигенција.
Дали и понатаму проблемот ни е што пребрзо старееме, а предоцна стануваме мудри? |