Фестовал
Гајдаџиите бараат ФНПИ „Пеце Атанасоски“ да понуди нов квалитет
Во изминатиот викенд, на 2 и на 3 јули во Прилеп се одржа 37. издание на Фестивалот на народни песни и инструменти, кој до сега се одржуваше во Долнени. Учесниците и гостите посакаа в година да се вратат во автентичен амбиент
Моника Талеска
Со звукот на гајдата, тапанот, кавалот, ќемането, низ настапите на 250 солисти и групи од земјава и од странство, годинешниот 37. фестивал „Пеце Атанасоски“ ја продолжи традицијата да се негува, штити и се збогатува изворната македонска песна и оро. Но, годинава прв пат наместо на Рудината во селото Долнени, се одржа во центарот на Прилеп. Учесниците, од најмала 4-годишна возраст, па до најстарите - над 74 години, задоволни се што имаат можност да се дружат, да ја презентираат народната носија, изворните инструменти и песни.
„Многу е убаво, задоволни сме од организацијата, секогаш запознаваме нови пријатели, слушаме понекоја изворна македонска песна, која дотогаш не с��е ја знаеле. Не ни е важна наградата, важно ни е учеството, затоа сакаме фестивалот да продолжи, бидејќи единствено на овој фестивал може да се чуе изворниот македонски мелос“, велат Славица Петроска и нејзините две пријателки, Светланка Кироска и Милка Серафимова, сите членови на групата „Весели пензионери“ од Пробиштип.
Дел од учесниците сметаат дека фестивалот в година треба да се збогати со нови содржини, да понуди поинаков квалитет.
„Па секоја година се' едно исто се случува. Сепак, треба организаторите, граѓаните, учесниците... сите нешто да направиме да се збогати овој настан, кој никако не смее да се дозволи да згасне. А, вака како што се одржува, се остава впечаток како полека да замира„ - велат Раде Србиноски и Мирослав Василевски од КУД „Брвеница“ од Тетово.
Гостинот од Холандија, Ернесто Фишер, смета дека фестивалот в година мора да се врати на автентичниот простор на Рудина во Долнени.
„Не може ваков фестивал да се одржува во центар на еден град. Вечерта на отворањето, кога требаше да биде најдобра организацијата и најголемо уживањето, се слушаа звуци од дискотеките во близина и бучавата на сообраќајот. Тоа е недозволиво и не смее да се повтори во иднина“, вели Фишер, кој веќе петта година свири гајда на оваа манифестација и со задоволство вели дека ќе доаѓа и во иднина зашто многу му се допаѓа и фестивалот и Македонија.
Според директорот на фестивалот, Весна Вучиќ, доколку се реши проблемот со имотно-правните односи на Рудина во Долнени, фестивалот „Пеце Атанасоски“ в година ќе се врати повторно на автентичниот простор.
„Ако се остварат ветувањата на локалната самоуправа од Долнени дека по добивањето во владение, ова земјиште на Рудина ќе му го подарат на фестивалот, па конечно ќе го решиме тој проблем, и ќе се создадат услови за реализација на проектите, кои со години чекаат поволна можност. Отсекогаш и моја интенција била фестивалот „Пеце Атанасоски“ да се развива и оваа манифестација да добие модерен квалитет, но да ја задржи автентичноста“, вели директорката Вучиќ. |