Случајот на Строс Кан нејасен за француските правници
Случајот за наводно силување на собарка од првиот човек на ММФ, добива нов тек поради кредибилитетот на жртвата
ПАРИЗ - Изненадувачкиот пресврт во аферата Доминик Строс Кан нема никаква врска со она што се случило на 14 мај во сега познатата соба 2806 во хотелот „Софител“. Станува збор за кредибилитетот на тужителката, собарката од Гвинеја која го обвини Страс Кан за сексуален напад. За американскиот правосуден систем, според протестанската и пуританска култура, лажењето се смета за апсолутно неприфатливо. Според информациите објавени во „Њујорк тајмс“ и последователните детали од обвинителите, постои голема недоследност во изјавите на вработената во хотелот „Софител“.
„Американскиот систем се базира на вистината“, објаснува Артур Детомас, адвокат од Париз, кој, исто така, е член на њујоршката адвокатска комора. Странките во судски процес даваат заклетва, се заколнуваат дека нема да лажат, дури и за работи кои се однесуваат на нив лично. Спротивно на тоа, во Франција, лице што сведочи за сопствениот случај ��е се бара да даде заклетва, бидејќи се претпоставува дека може да се заштити себеси. На тој начин, францускиот систем му дава на тужителот еден вид „право да лаже“. Во суд, пред да бидат заведени какви било изјави, сведоците се испрашуваат за нивната поврзаност со поединците инволвирани во случајот. Дали тие се блиски пријатели или роднини? Дали имаат каква било зависна врска од нив, како што е исплаќање плата?
Според Детомас, податоците значат решителен пресврт на настаните во истрагата. „Тоа е поврзано со неочекуваната афера во затворена соба, меѓу две лица. Обвинението се базира на сексуален однос меѓу нив. За да биде силување мора да има отсуство на согласност. Ако лицето кое тврди дека не дало согласност веќе не е уверливо, тогаш е готово. Дури и фактот дека таа можеби лажела на федерален документ, апликацијата што ја пополнила за статус на бегалец, би била прекршок, лажење пред суд што е доволно да се дисквалификува се' друго што кажала“.
Разликите во судската филозофија и практика, особено што се однесува до статусот на жртвата, меѓу Франција и САД, се објаснување за дел од неразбирањето што доаѓа од другата страна на Атлантикот. Истото важи и за сапунската опера на судската постапка што се одвива против Доминик Строс Кан уште од почетокот во Њујорк: тој парадираше во медиумите, со врзани раце пред камерите, потоа неговиот тридневен привремен притвор, големата тежина на обвинението, спротивно на тактичкиот молк на одбраната. „Во својата бруталност, американскиот правосуден систем функционира на двата начина“, вели еден париски адвокат.
Лагата не е само „морален грев“ внатре во судниците на Америка. Таа, исто така, е катастрофална пред камерите. Во 1998 година Бил Клинтон беше речиси исфрлен од кабинетот со постапка за импичмент бидејќи беше обвинет за лажење пред судот во аферата „Моника Левински“. Тој не беше критикуван за тоа што имал сексуална врска со својата помошничка, туку бидејќи лажел за тоа. (Ле монд) |