Монако - малку драма, многу сјај и уште повеќе пари
Уште пред бракот на Рение Трети со американската икона, актерката Грејс Кели, кнежеството Монако беше магнет за високото општество, каде што династијата Грималди владее 700 години
МОНТЕ КАРЛО - Тука постојано наидувате на Шарлин и Алберт. На пример, минатата недела навечер, некаде пред 21 часот, на автобуската станица на плоштадот „Д’Арме“, недалеку од кралскиот замок. Одеднаш зад аголот се појавуваат полицаец на моторцикл и автомобил што ја придружува темносината лимузина. Во задниот дел на лимузината седи маж со очила и русокоса жена. Возилата се движат во насока кон Монте Карло, движејќи се толку брзо што воодушевените туристи немаат време да го снимат моментот. Локалните жители или пријателски го поздравуваат конвојот на принцот, гласно коментирајќи „А, еве го принцот“ или невозбудени продолжуваат да го проверуваат автобускиот ред на возење. Да се види принцот и не е голема работа, бидејќи се случува доволно често. Добре дојдовте во Монако.
Местото на Гран при на Формула 1. Даночен рај. Летно игралиште за богатите и ��бавите - веројатно, тоа е најдобар начин да се резимира сликата на втората најмала држава во светот. Сместена меѓу Франција и Италија, Алпите и Медитеранот, овој тесен појас им нуди земја на познатите личности, аристократи и на меѓународниот џет-сет луксузен рај, подеднакво омилен кај папараците, кои ги чекаат во заседа во пристаништето со јахти, пред казиното или пред ноќниот клуб „Џими“.
Дополнување на тоа, секако, е фактот дека Монако е кнежевство, каде што династијата Грималди владее 700 години. Уште пред бракот на Рение Трети со американската икона, актерката Грејс Кели, тоа беше магнет за високото општество. Сега нивниот син Алберт Втори, кој е владејачки принц по смртта на Рение пред шест години, се венча. Неговата невеста е Јужноафриканката Шарлин Витсток, поранешна олимписка пливачка. Дводневните церемонии на венчавката што се одржаа на 1 и на 2 јули и' нудат на малата земја уште една можност да светне во центарот на вниманието.
Насловни страници
Не дека на Монако му треба внимание. Постојано се наоѓа во насловите, понекогаш од трагични причини, како кога почина принцезата Грејс во автомобилска несреќа во 1982 година или во поново време поради многубројните врски - вонбрачни флертувања, разделби, разводи - на сестрите на Алберт, Каролина и Стефани. Други познати личности го користат кнежеството како место за нивни авантури и, секако, Алберт е познат како вистински плејбој.
Малку драма, многу сјај и уште повеќе пари - дали Монако е само тоа? Дали навистина не е ништо повеќе од место каде што милионери и ексцентрици ги трошат парите? Или, пак, има и некои обични луѓе?
Баронесата Маријане фон Брандстетер ме прими на седмиот кат на хотелот „Фермонт“ покрај базенот. Носеше тиркизен фустан, неонски потпетици, тешка златна брезлетна. Германската баронеса живее тука. „Изнајмив неколку соби и во нив сместив дел од мојот мебел“, вели таа. Поранешната козметичарка сега е дел од џет-сетот и постојано патува меѓу Монако, Њујорк и Палм Бич. Таа има околу 200 милиони долари од неколку бракови, разводи и наследства и доаѓа на Азурниот Брег 30 години. „Наутро одам на скијање на вода, попладне играм голф и тенис. Среќна сум тука! Имам толку многу пријатели, би можела да излегувам секоја ноќ во годината“.
Баронесата Фон Брандстетер го живее животот каков што луѓето замислуваат дека го живеат сите во Монако - иако нејзиниот животен стил не е без проблеми, вели таа. Секако, има новобогаташи. „Русите особено се многу гласни“, се жали таа. „Повремено се среќаваат некои што не се такви, што се многу фини, но повеќето од нив едноставно се невозможни“. Туристите веќе се здодевни: „Одлично е тоа што толку многу луѓе доаѓаат тука, но понекогаш и е преполно“.
Просторот во Монако е проблем, дури и без туристите. Секој расположив квадратен сантиметар од градежното земјиште одамна е пополнет, а, сепак, насекаде има кранови и скелиња. Животниот простор е единственото нешто што не е достапно во неограничени количества тука и поради тоа, многу се бара. Поради недостигот, градењето во Монако е или на високо или под земја. Поголем дел од инфраструктурата - патишта со повеќе ленти, гаражи за паркирање на повеќе катови, железничката станица - се изградени во карпи. Обработката на земјиштето од Медитеранот дава можност за проширување на градот: областа позната како Фондвеил сега е претежно „чист“ еколошки коректен бизнис, во согласност со заложбите на принцот Алберт за заштита на животната средина и претворање на Монако во еден вид зелен пионер од светски ред.
И покрај сето тоа, Монако се' уште не е во чекор со времето. „На некој начин, како тука времето да застанало“, вели Јозеф Булва, чешки пијанист, кој се преселил во Монако во 1996 година. Тој се пензионирал тука по тешка повреда на раката, но сега се обидува да направи камбек. Тој го резимира животниот стил во Монако со два збора: „Викторијанска топлина“. Булва (68) раскажува за неговиот продавач, кој ќе му го направи специјалното кафе дури и кога продавницата е затворена, и за доставувачот што остава пакети со најскап шампањ пред неговата гаража. „Во Монако никогаш ништо не се краде“, вели Булва, гледајќи кон една од мрежите во земјата на видеокамера. „Надзорот тука е подобар отколку во норвешки затвор“.
Надвор од сјајот и гламурот
Границите на Монако се отворени; нема кабини каде што се наплаќа царина ниту, пак, царински претставници. Но, се знае се' во моментот кога ја поминувате границата. Луѓето се поопуштени. Бидејќи луѓето родени во Монако се мал��инство, тие настојуваат да бидат мошне приемчиви и кооперативни. Англискиот јазик се користи покрај францускиот. Ако жител на Монако забележи дека се обидувате да го најдете патот, доброволно ќе ви понуди помош, а возачите на автобуси ќе ви дозволат да се симнете и меѓу официјалните постојки.
Светското усовршување е едната страна на Монако; другата страна е провинциска идила. Далеку од сјајот и гламурот, секое утро на плоштадот „Д’Арм“ има уличен пазар, совршен за разгледница: Марше де ла Кондамин. Трговците од околните места доаѓаат тука, ги поставуваат своите штандови и продаваат локално овошје и зеленчук: тикви, лимони, артичоки, сливи, грав. Нивните клиенти живеат во убавите згради околу плоштадот, а има и игралишта така што ако разговарате со продавачот на цвеќе вашите деца можат да се забавуваат.
Аник Дуранте и нејзиниот сопруг продаваат на пазарот 24 години. Секој ден тие патуваат тука за да ги продаваат своите производи. Ги местат штандовите во 5 часот, а почнуваат да ги пакуваат 15 минути по 12 часот за да се вратат во Франција, во лето и во зима „кога треба да се облечете малку потопло“.
Монако, кое се доживува стоејќи на штандот за зеленчук на Аник Дуранте, нема никаква врска со вообичаениот сјај. „Ние им се обраќаме по име на многу наши клиенти. Прашуваме за семејствата“, вели Дуранте.
Но, барем за викендов фокусот ексклузивно се сврти на едно семејство, кое се' уште го дефинира и го обединува ова уникатно тенко парче на раскош и рај. (Ди велт) |