04.10.2012, 18:02 Кога Македонија ќе гледа дуел како оној меѓу Обама и Ромни
Политичката култура е неспоредлива. Во САД се' е прецизирано во детали, се вежба со денови и во посебни студија со симулации, а кај нас политичарите бараат обука во пет до дванаесет
Наум Котевски
„Кој успеа подобро да ги предвиди полињата за напад Никола Груевски или Бранко Црвенковски? Успеа ли некој да го погоди вистинскиот тајминг за насмевка? Кој беше духовит, а кој здрвен? Дали некој со својата подобра аргументација освои поголем дел од неопределените гласачи, праќајки го притоа сурово политичкиот противник во аголот на поразените? Кој имаше подобар костим и вратоврска и влијание кај дамите“.
Можно ли е некое утро во блиска иднина македонската јавност да се разбуди со овие дилеми, по скратениот и немирен сон поради ТВ дуел меѓу лидерите на двете најголеми партии.
Реализирањето на сонот на социјалдемократите кои во неколку наврати го предизвикуваат премиерот Груевски, кој, пак, не отстапува од својот став дека нема потреба од ТВ соочување, затоа што, како што вели, многу поважни се делата, би било практично воскреснување на овој демократски институт (кога станува збор за лидерите на партиите), кој беше „погребан“ во 1998 година, кога еден спроти друг седнаа токму Црвенковски и тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски. И денеска се цитираат реплики од таа дебата, која беше на многу ниско реторичко и политичко ниво.
Како и да е, луѓето дефинитивно сакаат да гледаат ТВ дуели, бидејќи телевизијата како медиум е сама по себе сурова па очекуваат да видат и нешто што кандидатите кријат.
ТВ соочувањата, како автентична игра на вистината пред камери, бездруго делуваат витешки и во суштина имаат сензационалистичка димензија. Светот уште долго ќе зборува за завчерашниот прв дуел меѓу претседателските кандидати Барак Обама и Мит Ромни. Претседателската дебата во САД е традиција. Трае од 1960 година кога прв пат лици в лице дебатираа Ричард Никсон и Џон Кенеди. Уште тогаш медиумите пишувале дека Никсон, бил намуртен, со подочници. Иако, добро говорел немал шанси со шармантниот Кенеди во дебатата која ја следеле 70 милиони луѓе.
Посочените детали денеска се доведени до перфекција, буквално ништо не е оставено на случајот. Политичката машинерија работи во континуитет. Пред најновото соочување Обама и Ромни тренираа одговори, држење на телото, напади. Аналитичарите сметаат дека Ромни бил триумфирал, на вистински начин презел иницијатива обвинувајќи го актуелниот претседател за лошата состојба во американското општество, и дека со тоа довел до суштински пресврт во трката со Обама во која се' досега Обама важеше за фаворит. Додека Обама во близина на Лас Вегас тренираше напорно заедно со своите советници, како Роки пред мечот со Иван Драго, Ромни се реши да го избере за спаринг партнер членот на Републиканската партија, сенаторот Роб Портман од Охајо. Зад својот грб и двајцата секогаш ги имаат здодевните новинари, кои прецизно известуваат за секој нивни чекор.
А ние? Кога ние ќе можеме овде да известуваме за такви настани и случувања зад сцената на изборните кампањи? Комуникологот Петар Арсовски вели дека овдешните политичари губат многу, откажувајќи се од тој важен дел на водењето на политичката кампања.
„Бидете сигурни дека се' што беше напишано во медиумите деновиве е вистина. Професионализмот е на огромно ниво. Се внимава буквално на се'. Точно се знае кој во кој момент што треба да направи. Кој кога да се насмее, како да реагира на новинарска провокација. Се вежба долго во посебни студија со симулации, за да се долови автентично атмосферата“, вели комуникологот Петар Арсовски, кој има големо искуство во поглед на обуката на овдешните политичари за јавен настап.
Според Арсовски, кој тврди дека луѓето помалку паметат кој што кажал на ТВ дуелот, а повеќе се потпираат на впечатокот што го оставиле двајцата кандидати, огромна е разликата меѓу сфаќањата во САД и тука.
„Нашите политичари не ја сфаќаат сериозно подготовката, особено за ТВ дуелите. Ќе побараат обука во пет до дванаесет мислејќи дека така ќе ја завршат работата. За добра подготовка потребно е тимот од експерти да биде со политичарот минимум шест месеци во континуитет. Се следат сите написи, изјави, реакции. Се обрнува внимание на рет��риката, но и на насмевките, тиковите, држењето на телото. Треба да се знае да се одговори на прашањата, но битна е и формата. Да се одземе тремата за да се создаде природно чувство за јавниот театар“, додава Арсовски за кого од огромно значење е таа актерската игра, која всушност е посебен предмет на Факултетот за драмски уметности.
Според него, талентот на политичарот придонесува за успех во соочувањето со 20 отсто, а на работата отпаѓаат 80 отсто.
„Кај нас сето ова што ви го посочив е неприродно стеснето на два дена. Првиот ден се работи на теоријата, а вториот на праксата. Во една таква ситуација за очекување е ефектот да биде мал. Кој го гледал излагањето на Ед Вилибен на конвенцијата на својата партија во Ливерпул ќе му биде јасно за што зборувам. Тој говореше 57 минути, а текстот го имаше научено на памет. Во него имаше се' и вицови и анегдоти, фрапантно високо на професионализам“, смета Арсовски, кој од професионални причини не сака да открие со кој од политичарите има соработувано.
Еден од оние новинари кој има големо искуство со ТВ дуелите е Александар Чомовски. И според него се огромни разликите меѓу пулсирањата на еден телевизиски дуел во САД и Македонија.
„Кога јас ги правев ТВ дуелите немавме ниту елементарна демократска култура за соочување на врвните политичари, вклучувајќи го тука и првиот радио дуел меѓу Киро Глигоров и Љубиша Георгиевски. За жал, не пораснавме ниту после 20 години. Уште мислиме дека не се неопходни одмерување на политичките сили врз основ на тет-а-тет соочувањата каде што гледачите имаат можност да проценат не само што говорат политичарите туку и како реагираат - од говор на тело до умешност за полемика и дијалог“, вели Чомовски.
Дополнителната разлика, според него, е што американските телевизиски продукции знаат да направат шоу од самото ТВ соочување.
„Прво во поглед на пиарот на самата дебата и популаризација на медиумот, а потоа и во изведување на телевизискиото соочување. Она што визуелно ми остави впечаток од дуелот меѓу Обама и Ромни е јасноста, прецизноста и високиот степен на меѓусебна критичност меѓу двајцата политички противници. Притоа немаше високи тонови, провинциски говор, но во секој случај беше жестоко“, додава Чомовски, кој повторува дека на македонските политичари за разлика од евтината ПР пропаганда им недостигаат долги часови разбота за да научат како да се однесуваат на меѓусебните соочувања. Притоа прецизира дека мисли само на политичарите Македонци.
„Тоа го велам затоа што ТВ соочувањето меѓу Али Ахмети и Арбен Џафери, што го водев јас, покажа висок степен на природна спонтаност и умешност на двајцата да се уважат и да говарат за програмски цели и приоритети без да им работи егото“, смета Чомовски.
Тој отрива дека пред секоја таква ТВ дебата неопходни се контактите со партиските штабови и ПР менаџерите.
„Иако, е неспоредливо со САД и тука имало најразлични барања. Го паметам случајот со ТВ дуелот меѓу Бранко Црвенковски и Љупчо Георгиевски 1998 година. Тогашниот опозиционер, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, беше толку недоверлив што наместо чашите со вода што ги подготви ТВ екипата побара од неговото обезбедување да му донесат флаширана вода. Небаре ќе го отрујам“, вели Чомовски, кого го прашавме дали можеби се сеќава на некоја класична медиумска замка од партските штабови. Можеби, слична на онаа што ја направил тимот на Кенеди, кој проучувајќи ги слабостите на Никсон, ги искористил сите валкани трикови за да го деградира. Имено, Никсон на ТВ дуелот дошол уморен и го мачела болката во коленото, па штабот на Кенеди побарал кандидатите да стојат. Со време болката кај Никсон се зголемувала, што подоцна предизвикала болна гримаса на лицето. Згора на тоа тимот на Кенеди побарал да се засили греењето, бидејќи знаеле дека Никсон се поти. Така, на крајот, гледачите можеле на едната страна да го видат намуртениот и испотен Никсон, и на другата свежиот Кенеди.
Чомовски вели дека имало такви замки, но овдешните трикови не може да се според со оние во САД.
„Пред радио дуелот меѓу претседателските кандидати Киро Глигоров и Љубиша Георгиевски, се договоривме да не се користат хартии и какви било документи во дебатата. Но Љубиша Георгиевски го направи спротивното. Извади документи за тоа што Глигоров зборувал во комунизмот. Глигоров, сепак, тоа џентлменски го издржа“.
Ставовите околу тоа колкаво е влијанието на ТВ дуелите врз гласањето се различни. Но доминираат размислувањата на експертите дека со ТВ соочувањето не може мн��гу да се добие, но може многу да се загуби.
Најголемите партии во државава стојат на својот став околу ТВ соочувањата. Опозицискиот СДСМ инсистира на директна дебата пред граѓаните, на сите нивоа, а владејачката ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од ставот дека премиерот нема потреба да седне на дебатната маса со Црвенковски. Членовите и на двата политички табори се свесни за огромните разлики меѓу САД и Македонија и дека таа политичка култура уште долго нема да може да се пресели на овие простори.
Вчера се обидовме од некои од нив да дознаме кој партиски колега би можел (по теркот на Ромни) да му биде спаринг партнер на Црвенковски или Груевски во некаква хипотетичка тренинг сеанса. Повеќето беа затечени од прашањето и рекоа дека им треба време да размислат. |