04.10.2012, 18:04 Без оглед на исходот од денешното гласање – кризата ќе остане
Никој нема одговор како ќе се решат спорните прашања кои го закочија функционирањето на владејачката коалиција, но и на институциите
Татјана Поповска
Дали ќе биде изгласана доверба на Владата е главното прашање во политичката јавност, откако лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски во саботата го најави овој потег, за како што вели, да го разобличи функционирањето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Освен СДСМ, чија стратегија е веќе позната, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ од чии гласови зависи иднината на Владата до последен момент тактизираат и не соопштуваат како ќе постапат. Неизвесно е дали премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска ќе го пресретне Црвенковски и сам ќе побара доверба на Владата, со што ќе ги избегне целодневните критики од собраниската говорница исто како што е неизвесно дали партијата на Али Ахмети и покрај сите несогласувања што ги има со коалицискиот партнер ќе даде поддршка на Владата и ќе опстои на ставот дека на земјава барем до крајот на годинава не и' требаат избори. Одговорите на сите овие дилеми ќе се знаат уште на почетокот на денешната седница.
Но, она на што никој нема одговор е како ќе се решат неколкуте спорни прашања, кои се вистинската причина за проблемите во функционирањето на владејачката коалиција. Што ќе се прави со законот за бранителите, како ќе се реши проблемот со новите имиња на чаирските училишта, што ќе се прави со злоупотребите од страна на функционерите на ДУИ кои во секоја пригода противуставно ги „протнуваат“ албанскиот јазик и химна?
Независно дали Владата на Груевски ќе продолжи да функционира или ќе се оди на предвремени парламентарни избори, политичките актери ќе мора да се соочат со овие прашања за кои ставовите на партиите се поделени по етничка основа. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имаат единствен став дека не треба да се попушти со законот за бранители и дека треба да се преземат мерки за чаирските училишта и однесувањето на функционерите на ДУИ, исто како што ДУИ и ДПА имаат исти позиции по овие прашања. Сите политички партии последниов период во повеќе наврати ги повторуваат овие позиции, со што уште повеќе ги зацврстуваат своите политички ровови.
Универзитетската професорка Мирјана Малеска пронозира дека владејачките партии ќе бидат принудени да направат некој нов договор, по ова гласање за доверба на Владата.
„Една национална партија како што е ВМРО-ДПМНЕ тешко ќе помине преку идеолошката граница, која сама ја постави. Но, од друга страна за секој политички проблем има решение. Прашање е само каква ќе биде цената на тоа решение и на чија сметка ќе оди. Ние сме сложено општество, така што кризите секогаш наметнуваат решавање на проблемите, за да не пропаднеме уште подлабоко“, вели Малеска.
На прашањето како би постапил СДСМ доколку треба да ги реши овие прашања, бидејќи како опозициска партија го поддржа законот за бранители, а ги осуди потезите на ДУИ, Малеска цени дека социјалдемократите ќе покажат поголема флексибилност ако биде во можност да одлучуваат.
„СДСМ во повеќе наврати ги губеше изборите токму поради решенија кои беа помалку национални. Такво беше коалицирањето со ДУИ веднаш по конфликтот во 2001 година, територијалната организација...Затоа сега и тие играат на национална карта. Сепак мислам дека кај СДСМ останала флексибилност во однос на соработаката со партиите на Албанците“, додава таа.
Социјалдемократите се соочуваат во специфична ситуација, особено за законот за бранителите во однос напартијата на Мендух Тачи. Иако двете партии договорија предизборна соработка, со единствена цел да се урне Никола Груевски, Црвенковски и Тачи се разидоа за правата на бранителите и на борците на ОНА. Иако и во двете партии велат дека за тоа прашање дополнително ќе преговараат и во двете партии им е јасно дека тешко ќе дојдат до решение.
Темите поради кои се создаде кризата ќе бидат уште поактуелни доколку се случи Владата денес да ја изгуби довербата. Во тој случај, независно дали актуелната коалиција ќе ја формира и новата влада или ќе има промени, спорните теми ќе бидат дел од преговорите при формирањето на владејачката коалиција, во услови кога партиите се уште повеќе закопани во своите ровови. При такви преговори, по последните парламентарни избори минатата година беа затворени хашките случаи и беше донесен Законот за унапредување на албанскиот јазик. |