22.05.2012, 12:26 Оклахома во финалето на Западот
Тандерси уште еднаш ги надиграа лејкерси, овој пат со 106:90, за конечни 4:1 во серијата
Кошаркарите на Лос Анџелес лејкерс шансата за шампионската титула во НБА-лигата ќе мора да ја бараат во некоја од наредните сезони. Оклахома Сити уште еднаш ги надигра Коби Брајант и дружината, овојпат со 106:90, за конечни 4:1 во плејоф-серијата и пласман во финалето на Западната конференција, каде што за противник ќе го имаат Сан Антонио спарс.
Победникот на дуелот во Оклахома Сити беше решен кон крајот на третата четвртина. Расел Вестбрук и Кевин Дурант прво иницираа серија од 14:3, за во последната четвртина со десет поени во низа домаќинот да дојде до решавачки 93:77.
„Знаевме дека овој период е најважен дел од натпреварот, особено во една ваква тешка вечер. Константната игра во текот на последната четвртина пресуди за нашиот пласман во финалето на Западот“, изјави по средбата Дурант, кој средбата ја заврши со 25 поени, десет скока и четири асистенции.
Вестбрук беше прв стрелец во победничкиот табор со 28 поени, а Брајант постигна 42 поени, недоволно за да го спаси бродот на лејкерси.
Добра вест за двата финалиста на Западот е дека ќе имаат доволно време за одмор, бидејќи серијата стартува на теренот на спарси в понеделник.
На другата страна од земјата Бостон е на чекор до финалето на Истокот, откако ја порази Филаделфија со 101:85 и поведе со 3:1. Најзаслужен за убедливата победа на „келтите“ беше Брендон Бас. Некогашниот играч на Орландо во третата четвртина постигна неверојатни 18 од вкупно 27 поени за него во мечот, а во овој дел не се за занемарување ниту седумте асистенции на Ражон Рондо.
Во добро издание се покажа и Кевин Гарнет, кој средбата ја заврши со 20 поени.
Следниот шести натпревар се игра в среда во Филаделефија, а вечерва се игра дуелот Мајами – Индијана (2-2 во победи).
|