22.05.2012, 11:30 Европските очекувања од Томислав Николиќ
Новоизбраниот претседател на Србија го повикуваат да го забрза евроинтегративниот пат на земјата
Претседателите на Европската комисија и на Европскиот совет Жозе Мануел Барозо и Херман ван Ромпуј излегоа со заедничко соопштение за изборот на Томислав Николиќ за нов претседател на Србија. Според нив, српскиот народ на претседателските избори дал многу јасен сигнал за поддршка на натамошната европска ориентација на владините политики. Тоа, според Баросо и Ван Ромпуј, значи силен мандат за продолжување на истата политика и сигнал да се движи брзо во следните чекори на европската интеграција на Србија, а тоа е почетокот на пристапните.
„Ние силно го охрабруваме претседателот Николиќ да се држи до оваа насока со посебна определба, со цел да се постигне дополнителен напредок што ќе и овозможи на Европската комисија да препорача отворање на преговори за членство и на Европскиот совет да ја донесе оваа одлука. Ова ќе бара високо чувство на државност за надминување на повеќе тешки предизвици. Србија ќе треба постојано да ја покажува својата посветеност на духот на соработка и помирување во регионот“, стои во соопштението на челните луѓе на Европската комисија и Европскиот совет. Како техничка грешка се опишува нивното денешнот заедничко соопштение, во кое тие на три часа пред завршувањето на изборите му честитаа на Николиќ за победата.
И шефот на германската дипломатија Гвидо Вестервеле изјави дека е одлучувачки земјата да остане на европскиот пат. „Одлучувачки е Србија да остане на проевропскиот курс. Победникот на изборите има голема одговорност“, истакна Вестервеле.
Министерот за надворешни работи на Шведска Карл Билт оцени дека Белград, со Томислав Николиќ на чело, треба да покаже јасна подготвеност да ги продолжи европските интеграции и помирувањето во регионот. „Србија на чело со Николиќ мора да изгради доверба во својата подготвеност да се движи кон Европа“, оцени Билт во својата порака објавена на Твитер.
„Србија во своето приближување до ЕУ дојде толку далеку, така што ниту еден Претседател на Србија не може да ја запре на тој пат. Спротивно на тоа, мислам дека секој Претседател сака да го продолжи и забрза тој пат. Добро е што Претседателот е посветен на евроинтеграциите, но главната одговорност ја чека владата и парламентот. Затоа, не треба само да му се честита на новиот Претседател, туку треба да се опомене дека што е можно поскоро треба да тргне во именување на мандатарот и да се направат конкретни чекори во составувањето на силна и оперативна влада“, изјави Јелко Кацин, известувачот за Србија во Европскиот парламент.
И поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ преку соопштение изрази надеж дека новиот српски Претседател ќе продолжи да ја позиционира Србија на Европскиот пат со своите потези. „Изразувам надеж дека новоизбраниот претседател на Србија со своите потези ќе продолжи да ја позиционира нашата соседна земја на европскиот пат“, порача Месиќ.
Во Приштина за сега нема коментари за изборот на Николиќ, а косовските медиуми пренесуваат само куса информација за исходот од изборите во Србија.
Генералниот секретар на Партијата за демократска акција на БиХ Амир Зукиќ изјави дека се плаши дека сега во Србија „би можела да се очекува многу сложена политика“. Портпаролот на Хрватската демократска заедница на БиХ Мисо Релота изјави дека изборот на Томислав Николиќ „до некаде е изненадувачки“, но дека „најпрво треба да се сочекаат неговите први потези, односно делата и реториката, пред да се коментира неговата изборна победа“. „Сега кога ги гледаме реакциите надвор од Србија, гледаме дека во земјите од регионот преовладува неизесност“, додаде Релота. (Дојче веле)
|