22.05.2012, 17:40 Ананд експресно израмни против Гелфанд
Индиецот ја одби осмата партија и сега е 4-4 во мечот за светски првак во шах
Шампионот Вишванатан Ананд (рејтинг 2799) го возврати ударот во мечот за титулата светски првак во шах против Борис Гелфанд (2739), и тоа веднаш откако предизвикувачот поведе со 4-3. Израелецот се предаде по само 17 одиграни потези во осмата партија, во која се играше Кралско-индиска одбрана без Сц3, па пред денешното продолжение на мечот во Москва резултатот повторно е израмнет. До крајот на серијата, чиј победник ќе добие 600.000 евра, а поразениот 400.000, преостануваат уште четири партии и евентуално доигрување во случај на нерешен резултат.
Најкратката партија во историјата на мечевите за планетарната шаховска круна, не сметајќи ги салонските ремија и тие со службен резултат, заврши во моментот кога црната кралица се најде во стапица.
„Едноставно, не го видов последниот потег 17. Дф2. Ова беше многу рискантна партија во која калкулирав со поинакви варијанти, како 17. Дф4“, изјави Гелфанд.
„Од претходно имам видено дека тоа е превид. Го видов тоа дури и кога одиграв 11. е:ф5, едноставно, разгледував некои линии и го пронајдов овој трик. И јас си помислив како Борис дека треба да одиграм 17. Дф4, но потоа се определив за 17. Дф2“, прокоментира Ананд.
Ананд - Гелфанд
1. д4 Сф6 2. ц4 г6 3. ф3 ц5 4. д5 д6 5. е4 Лг7 6. Се2 О-О 7. Сец3 Сх5 8. Лг5 Лф6 9. Л:ф6 е:ф6 10. Дд2 ф5 11. е:ф5 Л:ф5 12. г4 Те8+ 13. Кд1 Л:б1 14. Т:б1 Дф6 15. г:х5 Д:ф3+ 16. Кц2 Д:х1 17. Дф2 1-0 |