25.05.2012, 17:55 Три бизнис-посети на Италија, една инвестиција
„Технохозе“ засега е единствената компанија која треба во јуни да стартува со производство во Бунарџик
Владиниот македонски тим на чело со премиерот Никола Груевски само што се врати од Рим, каде што имаше средби со потенцијални италијански инвеститори. Во последниве неколку години ова е трета посета на наша делегација на Италија, на која повторно беа претставени можностите за инвестирање во земјава. Дали последнава посета ќе донесе инвеститори од Италија, рано е да се прогнозира, но факт е дека покрај очигледната упорност на Владата, досега не го поттикнавме интересот.
Единствената италијанска компанија што гради во Македонија е „Технохозе“, која во слободната економска зона „Бунарџик“ треба во јуни да стратува со производство. Оваа компанија требаше да биде новиот сосед во „Бунарџик“ на „Џонсон контролс“ и на „Џонсон Мети“, уште во 2009 година, но поради административни проблеми со закупот на земјиштето, како и економската криза, оваа италијанска компанија по неколкуте одлагања на инвестицијата дури лани ги удрија темелите, а на средината од годинава ќе почнат да произведуваат хидраулични спојки за автомобили. Целото производство ќе биде наменето за европскиот пазар. Инвестицијата е тешка 10 милиони евра, а ќе бидат вработени околу 150 лица.
Уште една италијанска компанија беше најблиску до одлука да вложи во Македонија, но подоцна се откажа. Владата со италијанскиот индустриски гигант „Орланди“ потпиша меморандум за изградба на фабрика за производство на приклучни уреди за камиони и земјоделски машини во зоната „Бунарџик“, уште во септември 2008 година во Италија. Инвестицијата требаше да изнесува исто како и на „Технохозе“ околу 10 милиони евра. Тоа требаше да биде прва инвестиција надвор од Италија на оваа трета водечка компанија во светот во оваа дејност. Производството требаше да стартува во почетокот на 2010 година и да биде наменето за извоз во Италија, а потоа и во Европа и во светот.
Според директорот на Дирекцијата на технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо, кризата е виновна што „Орланди“ се откажа од инвестирање во Македонија. „Поради кризата што ја зафати оваа земја се добива впечаток дека нема многу италијански инвестиции во земјава. Во последниве неколку години се покажа дека за нашава земја најголем интерес имаат инвеститорите од Велика Британија и Соединетите Американски Држави. Тоа го потврдуваат ’Џонсон контролс‘ и ’Џонсон Мети“, кои решија да ги зголемат инвестициите. И двете компании градат втори фабрики во земјава“, вели Мизо.
Инаку, минатава недела за два дена владиниот економски тим реализира пет пр��зентации на македонските инвестициски можности во Италија
во Торино, Милано и Рим. Бизнис-форуми беа одржани пред стопанственици, сопственици и претседатели на компании на кои им беше испратена пораката дека меѓу двете земји постојат уште многу неискористени можности за трговска и особено инвестициска соработка.
„Поминавме два дена во Италија и во три града направивме пет презентации. На бизнис-форумите во Торино и Милано интересот беше голем, направиме добри контакти, информиравме за Македонија. Некои нешто знаат, но поголем број не се запознаени со условите и можностите за правење бизнис. Ова беше добра можност директно да им се објасни. Ние сме мала држава, многумина не знаат за можностите за отворање фабрики, за ниските трошоци, стабилната макроекономска политика и нискиот долг, за условите во слободните економски зони и за многу работи“, истакна Груевски. Тој додаде дека верува оти оваа посета ќе даде резултати, а тие ќе бидат во корист на граѓаните и ги покани италијанските инвеститори да дојдат и директно да ги согледаат потенцијалите кои ги нуди македонската економија. (М.Т.) |