24.05.2012, 11:57 Македонска делегација во Рим и Ватикан во чест на Свети Кирил
Македонска државна и црковна делегација, предводена од премиерот Никола Груевски, престојува во посета на Република Италија и Светата Столица, по повод манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“
Во состав на државната делегација се и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министрите за надворешни работи и за култура, Никола Попоски и Елизабета Канческа-Милевска, министерот без ресор Веле Самак, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Висар Вида и директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска. Во црковната делегација се митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј, митрополитот европски Пимен и скопскиот бискуп Киро Стојанов.
Според програмата, премиерот Груевски, заедно со придружната и црковната делегација, јави известувачот на МИА, денеска ќе биде примен од поглаварот на Римокатоличката црква папата Бенедикт Шеснаесети, а ќе се сретне и со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Тарчизио Бертоне.
По аудиенцијата кај Папата и средбите во Ватикан, во црквата „Свети Климент“ во Рим ќе биде одржан молебен на гробот на Свети Кирил во рамките на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“.
Покрај чествувањето, делегацијата престојот во Рим ќе го искористи и за средба со потсекретарот во Министерството за економски развој на Италија Масимо Вари, по што ќе се одржи бизнис форум за претставување на можностите за инвестирање во Македонија, во организација на Стопанската комора од Рим.
Министерот Попоски, пак, ќе има средба со министерот за надворешни работи на Италијанската Република Џулио Терци на која се очекува да бидат разменети мислења во поглед на резултатите од завршениот НАТО Самит во Чикаго, околу фазата во која се наоѓа Македонија на патот на своето интегрирање во ЕУ, релациите на двете држави на билатерален и мултилатерален план, а се очекува да биде направен и осврт на соработката на планот на културата.
Тој синоќа во Ватикан се сретна со Доминик Мамберти, секретар за односи со државите при Светата Столица, при што беа потврдени добрите односи на Република Македонија со Светата Столица, а беа разгледани и можностите за натамошен развој.
Премиерот Груевски и владиниот економски тим вчера на бизнис форум во Милано пред осумдесет претставници на италијански компании ги претставија економските и инвестициските потенцијали во Македонија, а присуствуваа и на работна вечера со високи претставници на дваесетина италијански компании, во организација на Американската комора во Италија.
Во рамки на културната програма во чест на Свети Кирил, делегацијата предводена од премиерот Никола Груевски вечерва ќе го посети музејот „Монтемартини“, каде ќе присуствува на отворањето на изложбата „Антички теракотни фигури од Македонија“ во организација на Музеј на Македонија, како и на концертот на Ана и Игор Дурловски во пијано придружба на Александро Д‘ Агостини.
Музејот Монтемартини е втор оддел од Капитолинските музеи, најголемите и најважни градски музеи, а сместен во поранешна електрична централа, со постојана поставка која тематски се совпаѓа со изложбата која е подготвена од Музејот на Македонија.
На изложбата, која ќе биде отворена до 30 мај годинава, ќе бидат претставени околу 200 теракотни фигурини од предримскиот и римскиот период откриени на четирите археолошки локалитети „Вардарски Рид “ - Гевгелија, „Исар”- с. Марвинци - Валандово, „Стоби” - Градско и локалитетите „Дебој” и „Горна порта” во Охрид. Од темите што се застапени на изложбата најголемиот број се претстави на женски фигурини, антропоморхни и зооморфни претстави, кои се однесуваат на митолошко-религиозните верувања, како и дел од секојдневното живеење на населението.
Изложбата претставува уште еден придонес кон вреднувањето на културното наследство од античкиот период, откриено на територијата на Република Македонија и, како што истакнуваат од Министерството за култура, е вистински репрезент на духовно-религиозните вредности и историските моменти, кои имале одраз во овој дел на нашето културно наследство.
На концертот ќе бидат исполнети дела од Верди, Хендл, Росини, Моцарт, а дуото Дурловски пред италијанската публика ќе изведе и македонски дела.
|