25.05.2012, 13:48 Војдан со шампионската титула во Украина
Македонскиот репрезентативен бек и неговиот тим на гостувањето кај Авзомаш славеа со 84:79 и ја заокружија финалната серија од плејофот со максимални 4:0
Во својата првата година во украинското првенство Војдан Стојановски со Доњецк ја освои шампионската титула. Македонскиот репрезентативен бек и неговиот тим на гостувањето кај Авзомаш славеа со 84:79 и ја заокружија финалната серија од плејофот со максимални 4:0.
Стојановски беше најзаслужен за победата - со 17 поени беше прв стрелец во таборот на Доњецк. Тој одигра 29:16 минути, во кои додаде уште пет скока и по три асистенции и украдени топки.
Докузовски на чекор до круната во Бугарија
Лукоил Академик, чиј тренер е Марин Докузовски, а играч Дамјан Стојановски, е на добар пат да ја одбрани титулата во бугарскиот шампионат. Со одлична игра во последната четвртина, „студентите“ дојдоа до втората победа во финалето на плејофот против Левски, совладувајќи го со 80:76.
Стојановски одигра 12 минути и постигна шест поени, сите од линијата за слободни фрлања, а додаде и по два скока и украдени топки.
Антиќ и Олимпијакос запрени
Олимпијакос, за кој настапува Перо Антиќ, загуби од Панатинаикос со 81:79 и сега е 1:1 во финалето на плејофот во Грција. Зад капитенот на нашиот најдобар национален состав скромни бројки: одигра 11 минути и реализира четири поени и еден скок.
Финалната серија до три победи се сели на теренот на Олимпијакос в недела.
|