24.05.2012, 13:54 Втора етапна победа на Родригез
Што е уште позначајно за Шпанецот, ја задржа и предноста во генералниот пласман од 30 секунди пред неговиот најголем конкурент Рајдер Хесједал
Хоаким Родригез по втор пат се радуваше на триумф во годинашната велосипедска трка Џиро ди Италија, овој пат во 17. етапа. Што е уште позначајно за Шпанецот, ја задржа и предноста во генералниот пласман од 30 секунди пред неговиот најголем конкурент Рајдер Хесједал. Делницата од Фалзес до Кортина, долга 186 километри, Канаѓанецот ја заврши на третата позиција. Побрз од него беше Италијанецот Иван Басо, а зад него се најдоа носителот на белата маичка за најуспешен возач до 25 години, Ригоберто Уран, потоа бранителот на титулата Микеле Скарпони и победникот во осмата етапа Доменико Поцовиво.
Родригез ја посвети победата на каталонскиот велосипедист Чави Тондо, кој почина пред една година во несреќа.
Пласман во 17. етапа: Хоаким Родригез (Шпанија/Катјуша) 5:24,42 ч.; Иван Басо (Италија/Канондале) исто време, Рајдер Хесједал (Канада/Гармин) исто време итн.
Генерален пласман: Родригез 74:46,46 ч., Хесједал +30 секунди, Басо 1:22 минути итн.
|