25.05.2012, 13:02 Торстен Вогес и Ханес Вегенер во „Соба со пијано“
Познатите германски актериќе бидат дел од новиот игран филм „Соба со пијано“ на режисерот Игор Иванов-Изи
Познатите германски актери Торстен Вогес и Ханес Вегенер, ќе бидат дел од новиот игран филм „Соба со пијано“ на режисерот Игор Иванов-Изи, чија прва клапа треба да падне на 4 јуни во Скопје, со што се комплетира актерската екипа. Дел од филмот, како што веќе најавивме, ќе биде и големиот југословенски и српски актер Светозар Цветковиќ, кој зад себе има исклучително богата кариера и многубројни награди. А, покрај македонската екипа, во филмот на Иванов ќе играат и: Ива Крајнц од Словенија, Јагода Кумриќ од Хрватска и Невена Ристиќ од Србија.
Торстен Вогес (1961), кој е забележителен и во театарот, својата филмска кариера ја започнува во 1978 година и досега играл во голем број филмови, меѓу кои и во „Големиот Лебовски“, „Deuce Bigalow: Male Gigolo“, како и во светскиот блогбастер „Осум милиметри“. Живее и работи во Лос Анџелес.
Ханес Вегенер (1980), пак, зад себе има и театарско искуство, од кое се издвојува работата во театарот „Максим Горки“ од Берлин. Иако млад, веќе има одиграно голем број филмски улоги, од кои се издвојуваат оние во филмовите „The Baader Meinhof Complex“, „The Three Musketeers“ и најновото остварување на Стивен Спилберг „War Horse“.
|