25.05.2012, 10:39 Брејвик бара да го прогласат за здрав
Норвешкиот масовен убиец Андерс Беринг Брејвик изјави во судницата во Осло дека доколку судот одлучи дека е ментално здрав, тој нема да поднесе жалба.
Тој исто така изнесе свои коментари во врска со исказите на петмина сведоци, сите млади луѓе со тешки телесни повреди од масакрот што на островот Утоја го изврши Брејвик на 22 јули минатата година.
На повеќемина од преживеаните млади им се ампутирани екстремитети како последица на ранување од огнено оружје, јави дописникот на МИА.
Брејвик притоа рече дека е „успешен“ во криењето на своите чувства, но и дека по споменатите сведочења „се чувствува речиси емоционално оштетен“.
Менталниот статус на Брејвик станува се поважен предмет во текот на судскиот преоцес. Едно отворено писмо од судскиот колегиум, упатено до комисијата што ги оценуваше двата психијатриски испитувања, покажува иритираност поради тоа што комисијата не успеала да даде конкретен одговор во однос на психијатрискиот извештај, со кој Брејвик беше прогласен за здрав. Освен тоа, во отвореното писмо се нагласува дека биле правени напори да се прикријат несогласувањата во рамките на споменатата комисија. Судијата сега сака пред 1 јули да добие одговор дали формално се отфрлуваат контроверзните прогласувања на Брејвик за здрава личност или не.
Интересно е и истапувањето на група дански и норвешки теолози кои сметаат дека Бог се замешал во развојот на настаните поврзани со терористичките напади извршени од страна на Брејвик, пишува данскиот дневен весник „Политикен“. - Кога не погодува зло, тоа е поради тоа што Бог сака да се свртиме кон него, се што се случува е управувано од Бога, дури и Брејвик, вели теологот Петер Олсен за весникот „Кристелигт дагблад“. Весникот наведува дека Олсен добил поддршка и од теолози во Норвешка, но и дека е мошне поголем бројот на оние кои ги отфрлаат неговите тези како „теолошки куршлус“.
|