25.05.2012, 14:21 Благој Нацоски со нова улога во Италија
Најпознатиот македонски тенор по едномесечни подготовки во главниот град на италијанскиот остров Сардинија, Калјари, вечерва ќе дебитира во нова улога на тамошната оперска сцена, со настап во операта „Славеј“
Нацоски ќе настапи во главната тенорска партија (Рибар) во оваа опера од три чина, која е прва опера на рускиот композитор Игор Стравински. Напишана е во 1914 година по истоимената бајка на Ханс Кристијан Андерсен. Во дел од останатите улоги ќе настапат: Романката Валентина Фаркас - Славеј, Милена Сторти - малата готвачка, Маврицио Ло Пиколо - Подлизурко, Ерменецот Артур Кочиниан - Бонзо, а на истата сцена ќе дебитираат и Грците, режисерот Томас Москопулос, сценографот Дионисис Фотопулос, кореографот Кристос Пападопулос и Лефтерис Павлопулос - светло. Предвидено е операта „Славеј“ во текот на една недела да биде изведена шест пати, а во меѓувреме Благоја Нацоски во Калјари да настапи и во Деветтата симфонија на Бетовен. Тој летово ќе го помине во Швајцарија каде што ќе работи на нова продукција во операта „Севилскиот берберин“.
„Секоја нова улога за мене претставува уште побогато искуство. Мило ми е што постојано го надградувам мојот репертоар со нови улоги, но и од композитори кои досега не сум ги изведувал. Во овој случај навистина се работи за ремек-дело, додека, пак, тимот од Грција кој работеше на продукцијата сметам дека направи и од визуелна гледна точка претставата да биде уште поуспешна. Напорното темпо кое ме исцрпува за време на пробите го компензирам со прошетки и релаксација покрај морето тука, на прекрасните сардиниски плажи“, вели Нацоски. (К.Р.)
|