24.05.2012, 14:06 „Трето полувреме" доби во Кан светски продажен агент
Роберт Насков, Катарина Ивановска и Дарко Митревски на штандот на Југоисточна Европа на Канскиот маркет
Филмот „Трето полувреме" на Дарко Митревски доби реномиран продажен агент во Кан. Како што известуваат од продуцентската куќа „Кино око", претставувана од Роберт Насков, тие склучиле договор со "Little Company" од Лос Анџелес, која ќе биде застапник на правата за светската продажба на овој филм.
Роберт Насков, кој годинава беше дел од програмата "Продуцентите на потег" на Канскиот фестивал, возбудено изјавува дека е исклучително среќен што за првпат македонски филм успеал да склучи ваков договор по презентирање на филм на Канскиот маркет. "Little Company" беше застапник на јужноафриканскиот филм "Тсотси", кој во 2006 година направи голем светски успех, а ја доби и наградата "Оскар" за странски филм.
Инаку, оваа информација веќе излезе во реномираното филмско списание "Скрин деили", кое ги следи сите случувања на големиот Кански фестивал. Во него се објавени и основните податоци за овој филм, чие сценарио го потпишува Митревски заедно со Гргур Струиќ, а во кој играат: Ричард Самел, Сашко Коцев и Катарина Ивановска, како и Раде Шербеџија, Емил Рубен и Тони Михајловски. Во Кан со Насков и Митревски беше и нашата светски позната манекенка Катарина Ивановска, која игра главна улога во филмот. (С.У.)
|