24.05.2012, 18:35 „Астерфест“ започнува со „Бардо“
Во чест на годинешните лауреати Владимир Блажевски и Славко Штимац, ќе се прикажат „Панкот не е мртов“ и „Бјуик ривиера“
Сунчица Уневска
Денеска во Струмица во центарот „Антон Панов“ во 19,30 часот свечено ќе се отвори годинешното 8. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“. За стратот се одбрани два многу интересни филма, и тоа македонскиот „Бардо“ на Марија Апчевска, кој ја имаше светската премиера во официјалната натпреварувачка програма на големото Берлинале, а вториот е еден неверојатно возбудлив анимиран колаж, насловен „Приказна на Леонид“ на Рајнер Лудвигс од Русија. Но, покрај тоа, организаторот ќе понуди и еден необичен маратон, во чии рамки ќе бидат прикажани дури 13 кратки филма.
На отворањето на фестивалот, кој годинава е во знакот на мотото „Одисеја 2012“, се очекува да пристигнат и годинешните лауреати, српскиот актер Славко Штимац и македонскиот режисер Владимир Блажевски. Почетокот ќе биде одбележан со нивното присуство, со потсетување на нивните извонредни дела кои оставија силен печат во рамки на поранешна Југославија и со врачување на наградите. Славко Штимац ќе го добие Специјалното признание за високи достигнувања во филмската уметност, а Владимир Блажевски ќе ја прими наградата „Астер“ за неговиот исклучителен придонес кон авторскиот филм.
Годинава „Астерфест“ во текот на пет дена ќе понуди педесет кратки играни и документарни дела од сите страни на светот. За наградите „Златна, Сребрена и Брознена потковица“ ќе се борат девет креативни документарци, вклучени во програмата „Астердокс“, чиј селектор е Астрид Бусинк од Холандија. За програмата во која има два филма од Шведска, а по еден од Полска, Велика Британија, Холандија, Русија, Австрија, Германија и Црна Гора, Бусинк вели дека станува збор за еклектичен микс на авантуристички документарци, кои го прикажуваат истиот свет во кој живееме, ама од агол од каков не сме го гледале досега.
Додека во програмата на кратки играни филмови „Глобална фикција“, чиј селектор е Омар Абу ел Руб од Белград, вклучени се и два нови македонски филма. Првиот е „Бардо“, а вториот е филмот „Епизодист“ на Игор Алексов. „Глобална фикција“ годинава носи еден навистина невообичаен, но многу провокативен избор во кој се селектирани филмови од Израел, од Катар и Либан, како и од Ерменија.
Но, она што, пред се, го одбележува „Астерфест“ е акцентот на домашната продукција, и како и секогаш новото откривање на кинематички простори во Струмица, кое на гостите им нуди навистина необични и интересни доживувања. Во рамките на програмата „Мери Дионс“ ќе бидат прикажани четири македонски с��удентски филмови, а петтиот е најавен како изненадување. Освен тоа, и крајот на фестивалот ќе биде во знакот на македонскиот филм. Имено, во чест на наградените ќе биде прикажан „Зеро рисајкл - Сри чарши“ на Александар Станковски и Стефан Шашков. Но, и како своевиден куриозитет Струмичкиот фестивал на крајот ќе ја одржи проекцијата на кратката фантастична драма од времето на немиот филм. Станува збор за филмот „Земјата зад зајдисонцето“ во продукција на компанијата „Едисон“, која е направена пред точно сто години и која се сметала за загубена. Нејзината проекција ќе биде проследена со музика во живо.
Веќе се знае дека „Астерфест“ ја доделува наградата „Ацо Алексов“ за најдобар млад македонски автор, а од годинава ја воведува и наградата за најдобро сценарио, која ќе го носи името на големиот македонски писател и сценарист Ѓорѓи Абаџиев. Токму по повод оваа награда годинава се организира и работилница на тема сценарио за кратки филмови, а ќе се организираат и две фотоизложби со раритетни слики. Првата посветена на Ѓорѓи Абаџиев, а втората на еден од пионерите на уметничката фотографија во Војводина, Геза Барта.
Жирито кое годинава ќе одлучува за „потковиците“ на фестивалот е составено од: Владимир Блажевски, Срѓа Пенезиќ, писател, режисер и продуцент кој работи во САД и Александар Штиглиќ, режисер и аниматор од Велика Британија. А во чест на лауреатите, струмичката публика ќе може да го види и најновиот филм на Блажевски, „Панкот не е мртов“, како и филмот „Бјуик ривиера“ на Горан Рушиновиќ, за кој Славко Штимац ја доби наградата за најдобра улога на Сараевскиот фестивал.
Има „Астерфест“ уште програми и изненадувања. Тука е и програмата „Анимак“, посветена на анимираниот филм, потоа „Мувиленд“, која годинава ќе го претстави современиот краток руски филм, па едноминутни филмови од фестивалот во Арау, Швајцарија, како и претставувањето на Оберхаузенскиот фе��тивал на краток филм. А тука е и новиот отворен простор во паркот, тука е амфитеатарот и секогаш возбудливата Струмица, која има навистина посебна публика што му дава извонредна атмосфера на фестивалот. Но, и незаборваната Велјуса и нејзиниот манастир, чие незаборавно чувство секогаш носи нови доживувања за гостите и лауреатите, кои остануваат занемени пред оваа убавина. А вообичаено стана и дека нивните портрети кои се одржуваат на ова исклучително место, секогаш, сосем непланирано да станат сплотени со него. |