25.05.2012, 13:36 Оланд ги посети француските војници во Авганистан
Кабул - Повлекувањето на француските војници од Авганистан ќе се спроведе во координација со сојузниците на Франција од НАТО, изјави францускиот претседател Франсоа Оланд, кој денеска пристигна во ненајавена посета на оваа држава.
Оланд рече дека францускиот контингент ќе се повлече во „атмосфера на взаемно разбирање со нашите сојузници“, особено со претседателот на САД Барак Обама.
Претседателот ова го изјави за време на кусата посета на базата Ниџаб во провинцијата Каписа, каде се распоредени повеќето француски војници во земјата..
Француските медиуми јавуваат дека Оланд сакал лично да им објасни на француските војници, зошто одлучил да ги повлече предвремено кон крајот на оваа година, една година порно отколку што планираше неговиот претходник Никола Саркози и две години пред рокот определен за останатите сили на НАТО.
- Тоа е суверена одлука. Единствено Франција може да донесе одлука, која ја засега неа, рече Оланд и додаде дека повлекување ќе биде спроведено во согласност со сојузниците од НАТО и особено со претседателот Обама, но и во тесна координација со авганистанските власти.
- Терористичката закана од Авганистан за нашата територија, како и за териториите на на сојузниците, не е целосно исчезната, но е делумно намалена, додаде францускиот претседател.
Тој напомена дека Франција не ги прекинува врските со Авганистан, нагласувајќи дека земјата ќе продолжи да работи на проекти за развој на зоните Каписа и Суроби, за кои се одговорни француските сили во составот на ИСАФ. „Иднината на Авганистан нема да биде одредена од сојузниците, туку исклучиво од самите Авганистанци, тие ќе чекорат по патот, кој слободно ќе го изберат“, додаде Оланд.
|