22.05.2012, 17:42 Вардар на роденденска прослава во Кишињев
„Црвено-црните“ в петок ќе играат со молдавски Зимбру, кој слави 65 години од формирањето
Сашко Ѓ. Димовски
Вардар попладнево ќе игра со Металург во последното коло од домашното фудбалско првенство, а веќе утре заминува за Молдавија, каде што во Кишињев ќе му гостува на Зимбру на прославата на 65. роденден на тамошниот прволигаш. Мечот е закажан за в петок во 17 часот како централен настан на фудбалскиот хепенинг во молдавската престолнина, а наредниот ден вардарци се враќаат во Скопје. Патувањето и сместувањето е на товар на Зимбру и претставува одлична можност за новиот македонски шампион за меѓународен тест на квалитетите и за она што го очекува претстојното лето - квалификациите за Лигата на шампионите.
Гостувањето на „црвено-црните“ е резултат на добрите релации и на пријателството на Мите Николов, сопственик на штипската фабрика за масло за јадење „Брилијант“ со потпретседателот на нафтениот гигант „Лукоил“ за Русија, кој извршува висока функција и во Зимбру. Придонес за ова несекојдневно гостување на најтрофејниот македонски фудбалски клуб има и Ванчо Коцев, наш поранешен меѓународен фудбалски судија.
Зимбру лани заврши на четвртото место во домашното првенство, а сезонава се искачи скалило погоре и ќе ја претставува Молдавија во квалификациите за Лига Европа заедно со градскиот ривал Дачија. Шампионската титула ја освои Шериф Тираспол.
Клубот чие име во превод значи бизон е формиран во 1947 година и досега смени неколку имиња, како Динамо, Буревесник, Молдавија, Авантул и Нистру. Во советската ера се натпреваруваше во регионалната Б-дивизија. Најголемиот успех во тоа време го забележа во 1963 година, кога се пласира во четвртфиналето од Купот на тогашен СССР.
Фортуната на Зимбру се измени во целост по распадот на Советскиот Сојуз и прогласената независност на Молдавија. Тимот беше без конкуренција во првата деценија во Дивизија Национала. Освои осум шампионски титули, од кои пет во низа од 1992 до 1996 година, но на последната се радуваше во сезоната 1999/2000 и оттогаш се обидува да му го одземе приматот на Шериф, кој суверено владее во молдавскиот фудбал.
Покрај успесите во првенството, Зимбру е и петкратен победник на националниот Куп на Молдавија. |