22.05.2012, 14:04 Светозар Цветковиќ во филмот „Соба со пијано“
Во новиот филм на Игор Иванов ќе играат и: Ива Крајнц од Словенија, Јагода Кумриќ од Хрватска и Невена Ристиќ од Србија
Се комплетира актерската екипа за филмот „Соба со пијано“ на Игор Иванов, чиј старт на снимањето е најавен за 4 јуни. Кон македонската екипа се приклучува големиот југословенски и српски актер, Светозар Цветковиќ, кој зад себе има исклучително богата кариера и бројни награди. Нашата публика Цветковиќ особено го памети од филмот на Столе Попов „Среќа Нова 49“.
Инаку, Цветковиќ има играно во над 80 филмови и телевизиски серии, а исто така соработувал и со многу театари и театарски трупи од сите поранешни југсловенски републики.
Покрај Цветковиќ, во филмот на Иванов ќе играат и: Ива Крајнц од Словенија, Јагода Кумриќ од Хрватска и Невена Ристиќ од Србија. Ива Крајнц досега играла во над 20 филмови и во голем број театарски претстави, за кои има добиено и бројни награди. Во моментов Крајнц е една од најангажираните актерки во Словенија, а во 2006 година беше претставена на Берлинскиот фестивал како една од надежните европски ѕвезди во програмата „Шутинг старс“.
Јагода Кумриќ и' е позната на публиката во регионот по нејзината улога во популарната телевизиска серија „Изборот на Лара“, а Невена Ристиќ, која се' уште е студент, игра во двете телевизиски серии: „Воена академија“ и „Цутот на липите на Балканот“. (С.У.)
|