21.05.2012, 10:50 Реакции на Германија, Шведска, ЕУ и Русија за победата на Николиќ
Шефот на германската дипломатија Гвидо Вестервеле, по повод претседателските избори во Србија и победата на Томислав Николиќ изјави синоќа дека е одлучувачки земјата да остане на европскиот пат
- Одлучувачки е Србија да остане на проевропскиот курс, истакна Вестервеле и додаде дека победникот на изборите ќе има голема одговорност во таа насока.
Шефот на германската дипломатија му се заблагодари на досегашниот претседател Борис Тадиќ за „неуморното дејствување за српскиот пат кон Европа“.
Министерот за надворешни работи на Шведска Карл Билт оцени дека Белград со Томислав Николиќ на чело треба да покаже јасна подготвеност да ги продолжи европските инте��рации и помирувањето во регионот.
- Србија на чело со Николиќ мора да изгради доверба во својата подготвеност да се движи кон Европа и партнерството во регионот, оцени Билт во својата порака, објавена на Твитер.
Шефот на делегацијата на Европската унија во Србија Венсан Дежер му честиташе на лидерот на Српската напредна партија за победата и порача дека пред новиот претседател стојат одредени предизвици, но оти Унијата е подготвена да соработува со него.
- Му честитам на Николиќ за изборот за претседател на Србија. Им честитам на граѓаните на демократските и конкурентните избори на 6 и 20 мај. Ова е добра вест за демократијата и стабилноста на Србија, рече Дежер.
Според него ЕУ е свесна дека граѓаните имаат многу очекувања посебно на економски план и оти постојат одредени предизвици.
- Но од големото значење е што е можно поскоро да се формира стабилна влада, како и Парламент, односно институции, кои ќе се соочуваат со тие предизвици, рече Џезер. Според него едно од клучните прашања на кои мора да се работи е продолжување на помирувањето во регионот.
- Србија неодамна доби статус на кандидат за членство во ЕУ и би сакале да продолжиме да се движиме по тој пат, заедно со Србија, Николиќ и новата влада, додаде тој.
Амбасадорот на Русија во Србија Александар Конузин изјави дека официјална Москва со почитување се однесува кон изборот на српскиот народ и порача дека руско-српската соработка има сигурна иднина.
Конзун истакна дека во Русија внимателно го следела развојот на изборната кампања.
- Со почитување се однесуваме кон изборите на српскиот народ. Подготвени сме да продолжиме постепено да ги развиваме билатералните односи независно од внатрешнополитичките случувања во нашите земји. Тоа целосно се вклопува во традицијата на врските меѓу двете словенски држави, истакна рускиот амбасадор.
Тој додаде дека Русија го очекува завршувањето на неопходните уставни и други процедури поврзани со формирањето и почетокот на работењето на новите законодавни и извршни органи на власта.
|