21.05.2012, 11:03 Најмалку 96 жртви во самоубиствен напад во Сана
Најмалку 96 лица загинаа, а 300 се ранети во денешниот самоубиствен напад врз војници во јеменскиот главен град Сана, изјави извор на безбедносните сили, кој ја обвини Ал Каеда.
Сите жртви во нападот се војници, а напаѓачот бил облечен во воена униформа. Голем број од војниците се пренесени во седум болници во тешка состојба, а лекарите не ја исклучуваат можноста бројот на убиените да се зголеми.
Експлозијата била толку моќна што предизвикала огромна вдлабнатина на плоштадот Сабин, каде војниците вежбале за утрешната воена парада по повод националниот празник на Јемен - Денот на повторното обединување на земјата пред 22 години.
Очевидци раскажуваат дека реонот е „покриен со делови од човечки тела“.
Западните медиуми објавуват дека ова е прв напад од толку голем размер по стапувањето на власт во февруари на новиот јеменски претседател Абд Рабу Мансур Хади, кој вети дека со преземањето на должноста безмилосно ќе се бори против Ал Каеда.
Досега никој не преземал одговорност за нападот, во претставници на власта и на армијата претпоставуваат дека тој е извршен од јеменскиот огранок на терористичката мрежа Ал Каеда, чии неколку лидери беа убиени во последните месеци.
Јеменските безбедносни сили на 12 мај започнаа голема офанзива против Ал Каеда со цел да се врати контролата врз градовите во јужниот дел на земјата, кои беа преземени од терористичката организација. Од почетокот на операцијата, според податоци на некои медиуми, биле убиени 213 лица, меѓу кои 147 борци на Ал Каеда.
|