21.05.2012, 13:49 Томислав Николиќ - новиот претседател на Србија
Лидерот на Српската напредна партија освои 50,21, а за Борис Тадиќ гласаа 46,77 отсто од избирачите
Мандатот на новоизбраниот српски претседател Томислав Николиќ ќе почне од моментот на положување заклетва пред Парламентот, а една од неговите први должности ќе биде да предложи мандатар за состав на идната влада.
Републичката изборна комисија има рок од 96 часа од затворањето на избирачките места да ги објави во „Службен весник“ резултатите од вториот круг на претседателските избори, што, потоа, на новоизбраниот шеф на државата ќе му овозможи да положи заклетва и со тоа да го започне петгодишниот мандат.
Николиќ заклетвата може да ја положи и пред се уште актуелниот парламентарен состав, имајќи предвид дека на него се уште му трае мандатот.
Како за споредба, Тадиќ во 2004 година, кога беше првпат избран за претседател на Србија, стапи на должност осум дена од денот на изборот, а во 2008 година, по освојувањето на вториот претседателски мандат, по 12 дена.
Лидерот на Српската напредна партија Томислав Николиќ освои 50,21 процент од гласовите во вториот круг од претседателските избори во Србија, а за неговиот политички ривал, лидерот на Демократската партија, Борис Тадиќ гласаа 46,77 отсто од избирачите, соопшти Републичката изборна комисија, по обработката на 52,51 процент од гласачките ливчиња.
Томислав Николиќ, на изненадување на многумина, по пребројување на половина од избирачките ливчиња е победник на претседателските избори во Србија.
Претседателскиот кандидат на коалицијата „Да ја придвижиме Србија“, Томислав Николиќ, победи на изборите во Србија со 50,21 отсто од гласовите, додека кандидатот на коалицијата „Избор за подобар живот“, Борис Тадиќ доби 46,77, соопшти Републичката изборна комисија. Како што соопшти РИК тоа се резултати од 52,51 отсто од обработените избирачки места. Директорот на Републичкиот завод за статистика, Драган Вукмировиќ соопшти дека на изборите излегле 46,87 отсто од избирачите. Конечните резултати од вториот круг на претседателските избори ќе бидат соопштени во рок од 96 часа од завршувањето на изборите.
Досегашниот српски претседател Борис Тадиќ по затворањето на избирачките места го призна поразот и на Николиќ му ја честиташе „заслужената победа“.
Хрватскиот политички аналитичар Жарко Пуховски изјави синоќа дека резултатите од вториот круг од претседателските избори во Србија се неочекувани, нагласувајќи дека победата на лидерот на Српската напредна партија (СНС) Томислав Николиќ може да го „забави темпото“ во односите меѓу Белград и Загреб.
„За мене резултатите се многу неочекувани во однос на испитувањето на јавното мислење и на атмосферата која се создаде. Најверојатно тоа ги демотивира дел од избирачите кои можеби гласале за Тадиќ“, истакна Пуховски. (Дојче веле)
|