21.05.2012, 20:14 Иванов: Во Чикаго требаше да се исправи неправдата од Букурешт
Ова го нагласи претседателот на Република Македонија на денешниот состанок на шефови на држави и влади учеснички во мисијата ИСАФ во Чикаго
Како активен учесник во ИСАФ, Македонија ги споделува одговорностите, обврските и ризиците. Македонија истовремено очекува да ги споделува и правата и придобивките кои доаѓаат со членството. Македонија и покрај придонесот и покрај целосно исполнетите услови уште од 2008 година, е блокирана на патот кон членство во НАТО од услов кој го поставува членка на Алијансата, услов кој нема никаква корелација со критериумите за членство.
Ова го нагласи претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на денешниот состанок на шефови на држави и влади учеснички во мисијата ИСАФ (Македонија, Црна Гora, Босна и Херцеговина, Грузија), во Чикаго, откако состанокот го отвори американскиот претедател Барак Обама, заедно со генералниот секретар на Алијансата Андерс Фог Расмусен.
Меѓународниот суд на правда, решавајќи во спорот инциран од мојата земја, укажа Иванов, донесе пресуда со која однесувањето на нашиот јужен сосед го окарактеризира како незаконски акт.
- Нема да кријам дека нашите граѓани, лидерството на Република Македонија се целосно разочарани од досегашните одлагања. Сега беше потребно да се поправи грешката и неправдата од Букурешт. Жалиме што Грција не најде сили да се однесува одговорно кон преземените обврски со Времената спогодба. Ваквото однесување е целосно во спротивност со очекувањето на Судот дека Грција нема да го повтори противправното однесување од Букурешт. Очигледно имаме второ кршење на Времената спогодба од страна на Грција. Ќе повторам, разочарани сме од новото одлагање. Но, за нас, прашањето никогаш не било дали Македонија ќе стане членка на НАТО, туку кога. И, што поскоро, тоа подобро, рече Иванов во обраќањето, оценувајќи оти тоа би било подобро за Македонија, за регионот на Југоисточна Европа и, се разбира, за НАТО и за глобалната безбедност.
Тој најави дека Македонија сепак со еднаква посветеност и интерес, продолжува да се однесува како де факто земја-членка на Алијансата и максимално да го спроведува нашиот дел од одговорностите, онака како што се очекува од секоја земја-членка на НАТО.
- Политиката е безмилосна кон македонските мировници кои што секој ден го ризикуваат животот за да донесат слобода и безбедност во Авганистан. Но политиката е безмилосна и кон сите граѓани на Македонија кои не можат да ги користат придобивките од членството во Алијансата. Таа е резултат на неодговорни политичари кај нашиот сосед, кои криејќи се зад консензусот, не само што го с��аваат НАТО во една непријатна ситуација да брани неодбранливи, од аспект на меѓународното право, позициии, туку спротивно на сите правила и норми на однесување не придонесуваат за стабилноста и безбедноста на нашиот регион. Уверен сум дека сите вие што ме слушате овде го знаете ова. И знаете дека ова одлагање не е наш неуспех, истакна претседателот Иванов.
На состанокот во рамки на 25-от НАТО самит во Чикаго, македонскиот претседател Ѓорге Иванов истакна дека животот не научил никогаш да не потклекнуваме пред предизвиците, генерации и генерации, Македонци, нагласи, се вградиле во борбата за правда, мир, безбедност и развој за сите.
- Со истрајна работа кон заедничките цели и вербата дека правдата и разумот секогаш победуваат, иако понекогаш доцнат, остануваме доследни на преземените обврски, се обрати претседателот Иванов пред присутните.
|