18.03.2012, 19:00 Колку вредат нашите најдобри компании
Врз основа на моменталните цени, „Утрински“ направи анализа колкава е нивната моментална пазарна вредност, а колкава била пред неколку години
Нина Нинеска-Фиданоска
Колку вредат најдобрите македонски компании? Колку пари би зеле нивните сопственици доколку сите акции би ги продале на Берза по моменталните цени? Дали се потценети или натценети вредностите на акциите според кои во последниов период се тргува на Македонската берза? И конечно, колку тежеле нашите најмоќни компании пред неколку години, кога берзанските цени на акциите го доживеаја својот најголем бум, како последица на големите суми пари кои странските, пред се' словенечките и хрватските инвеститори, ги вложуваа на нашиот пазар на капитал?
„Утрински весник“ истражуваше колку изнесува моменталната пазарна вредност на неколку од врвните македонски банки и компании, со чии акции најмногу се тргува на Берзата. Поконкретно, за колкав износ би се продало соодветното акционерско друштво доколку во исти ден се продадат сите акции. До вредностите се доаѓа доколку се помножат вкупно издадените акции на компанијата со моменталната пазарна цена на нејзините акции. Во ова истражување се земени просечните цени на акциите од последното тргување, во петокот минатата недела.
Нашата најголема банка, Комерцијална, на пример, во петокот имала вкупна пазарна вредност од околу 115 милиони евра. Оваа банка има издадено вкупно 2.279.067 акции, а нивната просечна цена во петокот беше 3.100 денари за акција.
Во последнава година, пак, денот кога акциите на Комерцијална банка достигнале максимум, а тој бил 3.950 денари за акција, пазарната вредноста на банката изнесувала околу 146 милиони евра.
Но, ако се земе предвид цената што акциите на Комерцијална банка ја имале на 31 август 2007 година, денот запаметен кога берзанскиот индекс го достигна својот пик, односно историски максималната вредност, на тој датум оваа банка тежела дури 296 милиони евра.
„Алкалоид“, фармацевтскиот гигант, во петокот тежеше близу 98 милиони евра. Оваа компанија има издадено вкупно 1.431.353 акции, а на крајот на минатата недела нивната просечна пазарна цена изнесуваше 4.200 денари. Во најдобриот ден на акциите, пак, во последната година, вкупната пазарна вредност на оваа компанија изнесувала околу 107 милиони евра. Ако се направи пресметка, пак, колкав износ би се добил за сите акции на 31 август 2007, тогаш вредноста на „Алкалоид“ била дури 330 милиони евра. На тој датум просечната цена на акциите на „Алкалоид“ изнесувала дури 14.180 денари.
Нафтениот дистрибутер „Макпетрол“ во моментов има пазарна тежина од 36 милиони евра, под претпоставка дека во петокот би се продале сите 112.382 издадени акции, по просечната цена на тој ден, од 19.459 денари за акција. Доколку, пак, сите акции се продале на најдобриот ден во последната година за оваа компанија, кога нивната цена била 28.700 денари, компанијата на тој датум тежела нешто над 52 милиони евра. Но, пред неколку години, на фамозниот 31 август 2007, за сите акции на „Макпетрол“ можеле да се добијат фантастични 316 милиони евра, односно тогаш толку пари изнесувала пазарната вредност на компанијата.
„Макстил“, пак, во моментов има вредност нешто над 26 милиони евра. Компанијата има издадени вкупно14.622.943 акции, чија просечна цена во петокот беше 111 денари. Во најдобриот ден од последнава година пазарната вредност за сите акции на „Макстил“ била многу повисока и изнесувала безмалку 51 милиони евра, кога една акција чинела 213 денари. Но, за сите акции на „Макстил“ можеле да се добијат дури 203 милиони евра, се разбира на 31 август 2007 година.
Градежниот гигант „Гранит“ во петокот имал вкупна пазарна вредност од 25 милиони евра. Компанијата има 3.071.377 издадени акции, чија цена на крајот на минатата недела била 504,7 денари за акција. На најдобриот ден од последнава година компанијата тежела 31 милиони евра, но затоа на денот на берзанскиот пик нејзината вредност изнесувала многу повеќе, дури 125 милиони евра.
„Фершпед“, пак, во петокот имал пазарна вредност од околу 13 милиони евра, а на најдобриот ден од последнава година, сите акции вкупно тежеле околу 18 милиони евра. Додека, на 31 август 2007 пазарната вредност на компанијата достигнала 97 милиони евра.
Дали е потценета сегашната вредност на македонските компании? Брокерите велат дека, всушност, актуелната цена е реална, онаа што во моментов може да се постигне на пазарот, а дали е потценета, тоа е релативна категорија.
Според нив, колку пари навистина би се добиле за една компанија, ќе се види ако се понуди на продажба управувачки пакет акции на некоја компанија, односно ако се случува нејзино преземање.
„Кога би се продавал управувачки пакет, за поголем дел од компаниите кои котираат на Македонската берза, мое мислење е дека потенцијалниот купувач би требало да плати определена премија над моменталната пазарна вредност, за да ја преземе компанијата. Тие премии би биле различни. Но, за најголем дел од компаниите, кога би се преземал поголем пакет, купувачот би требало да понуди поголема премија над пазарната цена на акциите“, вели за „Утрински“ Коста Костадиновски, извршен директор на „Илирика“.
Но, во моментов такви драматични сопственички пресврти не се случуваат на Берзата. Затоа и можеби нема позначајни нагорни придвижувања на цените на акциите.
„Сега се вртат минорни количества акции, но тоа не е обем што би влијаел на управувањето на фирмите. Повеќе купуваат инвеститори кои се заинтересирани за добивки од акциите отколку за стратешки потфати“, објаснува овој брокер.
Експерти неодамна за „Утрински“ коментираа дека во 2007 и 2008 во земјава влезе голем износ странски капитал, а по неговото повлекување, кога значајно се намалија цените на акциите, најголемите штети ги претрпеа нашите акционери.
Големите цени што тогаш ги достигнаа акциите, тешко дека ќе се повторат, сметаат аналитичарите.
Инаку, деновиве, откако Берзата ги живееше деновите на едномесечен континуиран раст, сега линијата на главниот берзански индекс повторно оди надолу. Тоа е изненадувачки, со оглед што најголем дел од компаниите објавија солидни добивки и дивиденди што ќе им бидат поделени на акционерите. Брокерите велат дека станува збор за мало „разладување“ на пазарот, но очекуваат дека позитивниот тренд кој почна во февруари, ќе продолжи кон крајот на март и април, особено во периодот на делењето дивиденди. |