18.09.2009, 17:41 В година нови 70 македонски мировници во Авганистан
Нашите и мировниците од Вермонт ќе ги обучуваат Авганистанците
Барлингтон - Уште 70 македонски војници од наредната година ќе заминат во мисијата ИСАФ во Авганистан. Заедно со припадниците на Националната гарда на американската сојузна држава Вермонт ќе ги обучуваат авганистанските безбедносни сили. Деталите за заедничката операција во Авганистан вчера и денес во Барлингтон ги договараат претседателот и врховен командант Ѓорге Иванов и командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Мајкл Дуби.
„Не' очекува заедничка мисија идната година во Авганистан, со која ќе придонесеме за ширење на демократијата во тој дел на светот. Ќе разговараме и за следните планови и соработка меѓу македонската Армија и Националната гарда на Вермонт“, изјави претседателот Иванов во Барлингтон каде што беше пречекан со највисоки воени почести. Иванов посочи дека соработката меѓу Македонија и Вермонт датира од 1994 година и постојано се продлабочува. „Вермонт ја отсликува соработката на Македонија со САД. Очекуваме, освен на воен план, да се продлабочува и во економската, културната и образовната сфера“, рече Иванов.
Генерал Дуби потврди дека со македонскиот претседател ќе го разгледуваат концептот за вклучување на македонските војници во контингентот на Вермонт во Авганистан.
„Ќе разговараме за претстојното распоредување на војниците во Авганистан. Тоа ќе биде комплицирана задача, но се надевам дека ќе успееме“, изјави Дуби. Тој истакна дека 14-годишните релации што почнаа со воена соработка денес се проширени и во повеќе други области - бизнис, образование, земјоделство... „Досега се спроведени 700 заеднички активности во кои беа вклучени 4.000 луѓе. Со доаѓањето на претседателот Иванов во Вермонт, нашето партнерство се подигнува на ново ниво“, рече генерал Дуби.
Заедничката мисија треба да почне во јануари 2010, а првично се планира едногодишна соработка. Новите 70 војници ќе им се приклучат на 168-те македонски мировници кои веќе се во Авганистан.
Националната гарда на Вермонт е заинтересирана за соработка со АРМ во слична мисија и во Сенегал, но засега нема ништо конкретизирано.
Претседателот Ѓорге Иванов во Барлингтон ќе се сретне и со гувернерот на Вермонт, Џејмс Даглас, со претседателот на Сенатот, Брајан Дуби, и со министерот за трговија, Кевин Дорн. Шефот на државата е придружуван од заменик-министерот за одбрана, Емил Димитриев, и началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Мирослав Стојановски.
Иванов од Вермонт заминува за Њујорк каде што ќе учествува на 64. Генерално собрание на ОН. (МИА) |