Технологија
„Фејсбук“ подготвува апликација за iPad
Никола Бурагев
Дури откако беше продаден во 25 милиони примероци, популарниот таблет-компјутер на „Епл“, iPad ќе добие официјална апликација за најголемата светска социјална мрежа „Фејсбук“.
„Фејсбук“ имаше подготвена апликација за iPhone уште кога „Епл“ го отвори App Store во јуни, 2008 година. Но, ни една година откако iPad е пуштен во продажба, нема службена апликација за него. Тоа би можело наскоро да се промени, пишува „Њујорк тајмс“. За некоја недела „Фејсбук“ ќе понуди бесплатна апликација за iPad. Моментно е во последната фаза на тестирање, а наводно во нејзината изработка се вклучил и првиот човек на социјалната мрежа, Марк Зукерберг, лично.
Луѓето што имаа можност да ја видат велат дека е посебно дизајнирана и оптимизирана за iPad и неговиот интерфејс со екран осетлив на допир. „Фејсбук“ Chat и Groups се исто така прилагодени на потребите на корисниците на таблетот, а ќе има и функционалности кои нема да им бидат достапни на корисниците на веб-сајтот, како директниот аплоуд на фотографии и видеозаписи по пат на камерите вградени во втората генерација на iPad.
Мобилните апликации и оптимизираните мобилни веб-сајтови се голем извор на раст на прометот за „Фејсбук“. Компанијата неодамна објави дека 250 милиони од вкупно 700 милиони нејзини корисници му пристапуваат на „Фејсбук“ од мобилни уреди.
Од друга страна, квалитетна „Фејсбук“ апликација би можела да му помогне на „Епл“ во борбата со таблет-компјутерите кои го користат оперативниот систем на „Гугл“, Андроид. „Фејсбук“ исто така планира да го оптимизира и својот веб-сајт за iPad. Не се знае точно кога, но извесно е дека ќе се надополнува со апликациите за iPad и iPhone.
N9 пристигнува кон крајот на оваа година
Првиот смартфон заснован на платформата на „Нокија“, MeeGo, моделот N9 ќе пристигне на пазарот кон крајот на 2011 година, објави директорот на финскиот производител Стефан Елоп. „Нокија“ N9 според техничките спецификации е солиден, но не и револуционерен уред: поседува процесор со работен такт од 1 гигахерц со графички копроцесор, 1 гигабајт РАМ меморија, 16 или 64 гигабајти простор за снимање на податоци, AMOLED екран со дијагонала од 3,9 инчи (резолуција 854х480 пиксели) и камера со резолуција од осум мегапиксели со Carl Zeiss оптика и дуал LED блиц.
Работите стануваат интересни кога ќе се погледне атрактивниот дизајн на уредот, посебно кога ќе се забележи дека N9 нема ниту едно копче на предната страна. Од „Нокија “ велат дека се ќе се извршува со едноставно повлекување на прстот по некој дел од екранот.
Софтверска подлога е MeeGo 1.2 (Harmattan) со прилагоден интерфејс на „Нокија“ и поддршка за мултитаскинг, додека вградениот веб-прегледник е заснован на Webkit 2 и поддржува HTML 5, CSS3 и XHTML, JavaScript и стриминг на видео. Мобилниот поддржува репродукција на голем број аудио и видео формати, а деталните технички спецификации е можно да се пронајдат на официјалната веб-страница на „Нокија“. N9 во продажба тргнува подоцна кон крајот на годината, додека конкретен датум, како и цените се уште не се познати.
Mozilla го промовираше Firefox 5
Само три месеци после излегувањето на Firefox 4, Mozilla го претстави Firefox 5 за десктоп и андроид уредите.
Firefox 5 е дел од новиот брз развоен циклус на Mozilla, кој е најсличен до она што Google го прави со својот прелистувач Chrome, а има за цел на корисниците да им овозможи побрзо пребарување и ажурирање. Со малку среќа, Mozilla до крајот на годината би можела да ја промовира и седмата верзија на својот прелистувач.
Визуелно, „петката“ изгледа идентично како и Firefox 4. Mozilla во новата верзија меѓу другото отстрани некои „багови“, додаде поддршка за CSS анимациите, ја подобри поддршката за JavaScript, како и за HTML5, XHR, MathML и SMIL.
Firefox 5 е побрз од претходната верзија - односно Mozilla, наједноставно кажано, ги нуди на располагање најновите и најдобрите функции на својот прелистувач.
Chromebook 5 стигнува во Европа
„Самсунг“ го лансираше на европскиот пазар „Chromebook 5“, својот прв ултрапреносник кој ќе работи под оперативниот систем на Гугл за компјутери „Chrome“, пренесуваат француските електронски медиуми.
Се работи за првиот нетбук на светот во чиј развој пред се се водело сметка за неговата брзна, едноставност и безбедност, за да им биде прилагоден на лицата кои се постојано „онлајн“ на интернет мрежата.
Уредот на 24. јуни се најде на британскиот, германскиот, холандскиот, италијанскиот и францускиот пазар, каде што ќе се продава по цена од 399 евра за моделот со пристап до безжичната Wi-Fi мрежа и од 449 евра за компјутер со пристап до 3G интернет. Преносникот во наредните месеци ќе се најде и во други европски држави.
„Епл“, како што објави американскиот сајт „Дејлитек“, истовремено работи на развој на телевизор кој во себе ќе го содржи сопствениот систем „Епл ТВ“ и програмата за управување со музичките и видео содржини „iTunes“. „Епл“ наскоро би требало да го претстави новиот уред, кој наводно наесен би се појавил на пазарот.
Промоција на македонскиот јазичен интерфејс на Office 2010
Графичкиот кориснички интерфејс на Office 2010 од вчера може да се користи на македонски јазик со бесплатно преземање од веб-страницата на „Мајкрософт“ Македонија.
Како што истакна Димитар Грозданов од Мајкрософт Македонија, ��динствен услов е да сте корисник на лиценцирана верзија на оперативниот систем Windows 7 и канцеларискиот пакет Office 2010.
Николче Мицкоски координатор на тимот кој работеше на преводот на Windows 7 и Office 2010, на промоцијата појасни дека таа опфаќање превод на графичкиот интерфејс на македонски јазик и располага со алатка за правопис на македонски јазик.
- Главната цел на тимот беше да се добие превод, кој ќе биде прифатлив за сите корисници, а не само за професионалци од ИТ-индустријата. Значи, за новинари, за студенти, за луѓето вработени во државната администрација, односно да можат да го користат и оперативниот систем Windows 7 и канцеларискиот пакет Office 2010, на мајчиниот, македонски јазик, рече Мицкоски.
Тимот го сочинуваа професионалци кои работат во сферата на преводот од македонски на англиски јазик, лектори на македонски јазик и луѓе кои доаѓаат од ИТ - индустријата, за да се добие подостапен превод. На преводот на Windows 7 се работело шест месеци, а уште шест месеци на преводот на Office 2010. При преводот користена е националната терминологија за информатичка технологија. Не е ограничен бројот на зборови што можат да се додадат во корисничкиот речник.
„Кејблтел“ воведува нови брзини на интернет-пазарот
Македонскиот телекомуникациски оператор Кејблтел, на 15.06.2011 го најави почетокот на новата интернет ера -нови брзини за сите корисници од 10 Mbps до 50 Mbps, со комплетно неограничен трансфер. Кејблтел преку инвестициите за надградба на својата мрежа ја доби својата посакувана динамика.
Кејблтел воведува уште еден новитет на македонскиот пазар - Upload, кој за корисниците на овој оператор од средината на јуни ќе изнесува до 1 Mbps.
Од Кејблтел најавуваат интензивна надградба на својата мрежа за време на летниот период, по кој македонската јавност треба да очекува многубројни изненадувања и кориснички бенефити во сите сегменти.
„Интензивно работиме на надградба на постоечката мрежа, со огромен број оптички точки, направивме многу за стабилизација на мрежата и интензивно работиме на воведување на нови услуги за постоечките и новите корисници. Сите корисници од ова лето ќе можат да уживаат во новите бенефити на супер-брзиот интернет и неограничените комбинации на повеќе услуги”, велат од овој оператор. „Кејблтел“ е присутен на телекомуникацискиот пазар веќе 4 години, и е веќе еден од најголемите оператори во Република Македонија. |