Парите од ММФ го зголемија владиниот долг
Само за еден месец владиниот долг пораснал за 217 милиони евра, што покажува дека се вкалкулирани парите од ММФ
Александрија Стевковска
Државниот долг пораснал за 217 милиони евра само за еден месец. Поточно, во мајскиот извештај за долгот на централната Влада јасно се гледа дека се повлечени парите од Меѓународниот монетарен фонд. Имено, заклучно со април годинава, надворешниот долг на Владата изнесувал 1,147 милијарди евра, а вкупниот долг 1,679 милијарди евра, додека на крајот од мај надворешниот долг пораснал на 1,380 милијарди евра, а вкупниот долг се зголемил на 1,896 милијарди евра. Сепак, најновите податоци за долговите на државата не покажуваат дали тие пари се и потрошени. „Дали се потрошени парите од ММФ можат да кажат само Министерството за финансии и НБМ бидејќи тие имаат увид во сите сметки. Од мајскиот извештај на Финансии за долгот на централната Влада може само да се види зголемувањето на долгот, кој, според сумата, најверојатно, го означува повлекувањето на парите од Фондот“, објаснува поранешниот министер за финансии, Никола Поповски.
Министерството за финансии уверува дека повлечените 220 милиони евра од ММФ само се прокнижени на сметката на Владата, но не откриваат и колку од парите се потрошени. Единствена информација за тоа колку од овие пари се раситнети останува онаа со која министерот Ставрески тврдеше дека со нив се покриени средствата што требало Владата да ги зајми од домашните банки преку државни записи. Во мај беа откажани неколку аукции на државни записи. „Станува збор за книжење на средствата од ММФ на сметка на централната Влада и, секако, не значи дека тие средства се потрошени“, изјавија вчера од Кабинетот на министерот за финансии.
Освен што расте долгот на Владата, расте и вкупниот долг на државата. Последните податоци од Народна банка на Македонија за март годинава покажуваат дека нивото на задолженост го достигнало нивото од над 60 отсто од домашниот бруто-производ. Според извештајот на НБМ, за првите три месеци од годинава вкупниот надворешен долг достигнал 4,477 милијарди евра, од кои јавниот долг зафаќа 1,651 милијарда евра, а на приватниот долг отпаѓаат 2,826 милијарди евра. Зголемувањето за три месеци кај државниот долг е за 230 милиони евра, а кај приватниот сектор за 130 милиони евра. Со овие нагорни движења на долгот јавниот долг зафаќа 22,1 отсто, а приватниот 37,8 отсто. Колку за споредба, на крајот од 2010 година јавниот долг бил 20,5 отсто од БДП, а приватниот 39,12 отсто, процент што сега е намален, но во апсолутен износ е зголемен. Во податоците од НБМ за јавниот долг не се вкалкулирани парите од ММФ. Нивото на државен долг, според експертите, се' уште не е критично, но тие предупредуваат дека е веќе вклучено црвеното светло на тревога, со оглед на тоа дека натамошниот раст на долгот може ја одведе државата во банкрот. |