Анализа
Економска моќ наместо воена сила?
Џозеф Нај
Вооената сила веќе не е полезна како што беше во 19 и во 20 век
На крајот од студената војна некои експерти објавија дека „геоекономијата“ ја замени геополитиката. Економската сила ќе стане клуч за успехот во светската политика, промена за која многу луѓе веруваат дека ќе води во свет во кој ќе доминираат Јапонија и Германија.
Денес некои го интерпретираат зголемувањето на уделот на Кина во светското производство како навестување за фундаментална промена во рамнотежата на глобалната моќ, но без да се земе предвид воената сила. Тие тврдат дека наскоро доминантната економска сила ќе стане доминантна воена сила, заборавајќи дека САД беа најголема економија во светот цели 70 години пред да станат воена суперсила.
Политичките набљудувачи долго време дебатираа дали е поважна економската или воената сила. Марксистичката традиција ја посочува економијата како фундаментална структура на моќ, а политичките институции само како суперструктури, претпоставка што ја споделуваат либералите од 19 век, кои веруваа дека растечката независност во трговијата и во финансиите ќе направи војната да биде застарена опција. Но, иако Британија и Германија беа меѓусебно најзначајни трговски партнери во 1914 година, сепак, тоа не го спречи пожарот што ја забави глобалната економска интеграција за половина век.
Воената моќ, кои некои ја нарекуваат крајна форма на моќ во светската политика, бара просперитетна економија. Но, дали економските или воените ресурси произведуваат повеќе моќ во светот денес зависи од контекстот. Морковот е покорисен од стапот ако сакате да ја пренесете мазгата преку вода, но оружјето може да биде покорисно ако ваша цел е да го лишите противникот од неговата мазга. Многу клучни прашања, како што се финансиската стабилност или климатските промени, едноставно не се подложни на влијание на воена сила.
Утврдувајќи дали економската независност што произведува моќ бара обрнување внимание на рамнотежа на асиметријата. Во овој случај тоа личи на „рамнотежа на финансиски терор“, слична на воената независност од студената војна во која САД и Советскиот Сојуз одделно имаа потенцијал да го уништат другиот во нуклеарна војна. Во февруари 2010 година, група високи кинески воени офицери, лути поради американската продажба на оружје за Тајван, побараа од кинеските власти во знак на одмазда да ги распродадат американските владини обврзници. На нивниот предлог не му беше обрнато внимание.
Економските ресурси може да произведат однесување на мека моќ, како и силна воена моќ. Успешниот економски модел не само што ги финансира воените ресурси потребни за практикување цврста моќ, туку, исто така, може да привлече други да го имитираат нивниот пример. Меката моќ на ЕУ на крајот од студената војна, како и онаа на Кина денес, во голема мера се должат на успехот на економските модели на ЕУ и на Кина.
Економските ресурси се се' позначајни во овој век, но би било погрешно да се отпише улогата на воената сила. Како што американскиот претседател Барак Обама кажа кога ја прими Нобеловата награда за мир во 2009 година: „Мора да почнеме да ја признаваме непријатната вистина дека ние нема да го искорениме насилниот конфликт во нашите животи. Ќе има времиња кога нациите – реагирајќи индивидуално или во заедништво – ќе забележат дека употребата на сила не е само неопходна, туку и морално оправдана“.
Дури и ако веројатноста од употреба на сила меѓу државите, или од заканата за употреба е помала сега отколку во претходните периоди, големото влијание на војната ги доведува рационалните актери да набават скапа воена заштита. Ако цврстата моќ на Кина ги заплаши нејзините соседи, голема е веројатноста дека ќе бара такви заштитни политики и САД, најверојатно, ќе бидат главен провајдер.
Ова дава поширока слика за улогата на воената сила. Некои аналитичари тврдат дека воената сила е толку рестриктивна услуга што повеќе не е крајна мерка. Но, фактот дека воената моќ не секогаш е доволна да се одлучи во одредена ситуација, не значи дека таа ја изгуби сета корисност. Иако има повеќе ситуации и контексти во кои воената сила е тешко да се употреби, сепак, таа, останува витален извор на моќ.
Всушност, метафорички, воената сила дава степен на безбедност како што е, на пример, кислородот е потребен за дишење: малку е забележлива додека не стане недоволна, а во тој момент нејзиното отсуство доминира насекаде. Во 21 век воената сила нема да ја има истата полезност за државите како што ја имаше во 19 и во 20 век, но ќе остане клучна компонента за моќ во светската политика.
(Авторот е поранешен американски помошник секретар за одбрана, професор на Универзитетот „Харвард“, автор на „Иднината на моќта“ и пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“. ) |