Дарко Илиевски
Бидна сефтето со „Алтер его“
Со енергични звуци од електрична гитара и аренби рок-ритам на кој совршено играше една од најстарите членки на балетското студио „Ребис“ - Андријана, започна официјалната промоција на деби-албумот на Дарко Илиевски - „Алтер его“, како и видеозаписот за песната „Бори се за неа“. Преполното кафуле „Чао“ во четвртокот вечерта беше местото за уживање на сите пријатели, претставници од медиумите и колеги од музичкиот свет на Дарко Илиевски.
Во еден одличен микс тој во живо ги испеа „Едно тело“, „Не ми глуми невина“, „Бори се за неа“, а на сцената се појави и раперот Тајзи за да го изведат заедничкиот дует „Не се плашам“, кој, исто така, се наоѓа на „Алтер его“.
Албумот „Алтер его“ содржи 12 ��есни, продуцент е Лазар Цветкоски, кој се јавува и како композитор на повеќето од нив. Меѓу песните се наоѓаат добро познатите „Едно тело“, „Лаги“, „Не ми глуми Невина“, „Утре е нов ден“, а тука се и соработките „Снегулка“ со Врчак, „Пепел“ со Ена и „Не се плашам“ со Тајзи.
По промоцијата, Дарко веднаш започнува со промотивна турнеја низ Македонија, а кон крајот на летото ќе сними уште два видеозаписа за новите песни на албумот. |