Принц од Брунеи
Како е потрошено најголемото богатство во светот
Трошеше по 50 милиони долари месечно, имаше 2.300 автомобили, 250 компании, веце-четки од чисто злато, „боинг 747“ за превоз на своите коњи за поло, 50-метарска јахта во комплет со два глисера, вулгарна палата со 1.788 соби, а за 50. роденден на забавата го доведе Мајкл Џексон, кој одржа концерт за 17 милиони долари... Тој е принцот од Брунеи, Џефри Болкијах, озлогласен милијардер низ чии раце минале повеќе пари, отколку низ рацете на сите светски милијардери, а сето тоа успеал да го „списка“ и да банкротира. Потрошил неверојатни 14,8 милијарди долари во една декада.
Бесното семејство ги тужеше неговите адвокати дека лошо му ги воделе работите, но на крај адвокатскиот брачен пар Фејт Заман и Томас Дербишајр на суд минатата година добија 23 милиони долари отштета. Деновиве првпат е раскажана нивната приказна, која не можела да се слушне на суд, за тоа како воопшто влегле во светот на принцот Џефри.
Светот на принцот Џефри бил се', само не вообичаен. Иако, всушност, неговиот брат е султан од Брунеи, на Џефри му се посреќило кога брат му го поставил за шеф на Агенцијата за инвестиции на Брунеи, најмоќниот државен фонд на оваа пребогата држава што лежи на нафта. Така Џефри на располагање имал стотина милијарди долари, кои минувале низ фондот, а дел од тие пари трошел на дотогаш невиден начин на живот, кој вклучувал дури и доведување девојки од Америка на Брунеи, само за да спијат со Џефри.
Се женел пет пати и има 18 деца, а пустите милијарди ги „плиснал“ во својот предимензиониран животен стил. Се' што можел обложил со злато, па така единствениот „ролс-ројс“ во светот направен од чисто злато е токму негов, како и единствениот тепих чии ресички се златни, а во самата површина на тепихот има десетина скапоцени дијаманти.
На Џефри не му била доволна една куќа, иако имала 1.788 соби, па си купил уште петстотини куќи и станови низ цел свет, а по гостите за своите раскошни забави испраќал приватни авиони каде што требало. Покрај Мајкл Џексон на една забава ја довел и Витни Хјустон, на која и' дал празен чек и рекол дека сама треба да го напише износот што го сака. Никогаш не се дознало за кој износ станало збор, но дебело го надминал хонорарот на Џексон.
Освен фасцинантниот примитивизам во покажувањето на своето богатство, Џефри и бил примитивец. Неколку пати жени го тужеле за силување, а меѓу другите и бившата Мис на Америка, Шенон Маркетиц. Случајот не стигнал до судот зашто Џефри се нагодил со Шенон, но ни до денес не се знае колку и' платил за да се откаже од тужбата. (Ј.П.) |