Фестивал
„Долнени“ привремено се сели во Прилеп
Годинава „Пеце Атанасовски“ го напушти Долнени. Уште минатата година беше сменет и традиционалниот термин на одржување на фестивалот - викендот по Спасовден, па ФНПИ „Пеце Атансовски“ сега се случува во јули, конкретно овој викенд на 2 и 3 на јули во Прилеп, на плоштадот „Александрија“
Јасминка Павловска
Во последниве 37 години името на Долнени е асоцијација за одржување на македонска музичка традиција, дури и откако Фестивалот за народни песни и инструменти го доби името на неговиот основач, легендарниот гајдаџија Пеце Атанасовски. Селото во близина на Прилеп, веројатно, и за оние што сигурно би го згрешиле патот кога би тргнале кон него, претставува некаков потсетник за традиција и корените на исконот. Годинава „Пеце Атанасовски“ го напушти Долнени. Уште минатата година беше сменет и традиционалниот термин на одржување на фестивалот - викендот по Спасовден, па ФНПИ „Пеце Атансовски“ сега се случува во јули, конкретно овој викенд на 2 и 3 јули во Прилеп, на плоштадот „Александрија“.
„Можеби сиве овие поместувања на фестивалот личат на отстапување од традицијата и автентичноста, но барем што се однесува до дислокацијата, тоа е само привремено“ - појаснува Весна Атанасовска-Вучиќ, директорка на фестивалот познат како „Долнени“ и по името на својот основач Пеце, нејзиниот татко. „Годинава се одлучивме фестивалот да го преместиме во Прилеп затоа што во Долнени едноставно ги немаме основните инфраструктурни услови за негово одржување. Или накусо, ако заврне дожд, фестивалот треба наврат-нанос да се ’евакуира’ во Прилеп. Неколку години сме имале такви искуства, па годинава решивме да бидеме рационални. Отежнувачка околност за некаков развој од инфраструктурен карактер е што просторот Рудина во Долнени, каде што се одржуваше фестивалот е во сопственост на Република Македонија, но корисник е ЗИК Прилеп, кој не постои можеби веќе дваесетина години. Тие имотно - правни односи се во фаза на решавање, па добивме ветување од градоначалникот на Општина Долнени, дека кога ќе го добијат во општинска сопственост тоа земјиште, би го подариле на фестивалот. Тогаш веќе би можеле да превземеме нешто за потрајно уредување. Во ситуацијата каква што е сега, голем дел од средствата што ги добиваме од Министерството за култура (400.000 денари оваа година, од кои моментално на располагање имаме 250.000 денари), треба да отидат на нешто нема да биде трајно, а и самото одржување на фестивалот во такви услови е прескапо. Токму затоа се одлучивме за прилепската варијанта оваа година. А и не е нарушен аманетот на татко ми Пеце Атанасовски. Иако е роден во Долнени, најголемите успеси во светот ги има постигнато со КУД „Прилеп“, така што на некој начин е задржан споменот на него. Од друга страна градот Прилеп отсекогаш го поддржувал фестивалот. Но кога ќе се средат овие работи за кои говорев претходно, се враќаме во Долнени. Што се однесува до отстапувањето од традиционалниот термин, едноставно моравме да се адаптираме на обврските на учесниците, особено на помладите. Спасовден обично е додека се' уште трае училишната година, па многумина токму поради тие обврски може да бидат спречени да дојдат, иако учесниците на фестивалот обично се пасионирани вљубеници во чистиот фолклорен звук и изворната народна песна“- детално и транспарентно објаснува Весна Атанасовска-Вучиќ.
Инаку фестивалот годинава ќе го доживее своето 37. издание на летната сцена на плоштадот „Александрија“ во Прилеп. Програмата е поделена во два дена (сабота и недела), со намера да се задржи традицијата на дружење на учесниците, кои годинава ги има 250. Меѓу нив има и гости од Холандија и од Хрватска. Освен музичкиот дел од програмата, на плоштадот, каде што годинава ќе се случува ФНПИ „Пеце Атансовски“, жените од неколку невладини организации ќе подготвуваат традиционални кулинарски специјалитети, па фестивалот ќе добие белег на поголемо градско случување. |