Со сигнален пиштол и' пресудил на сопругата
Мухамед Суља (43) уапсен поради убиство на Наџије Суља (42)
Горан Адамовски
Семејна расправија заврши кобно во куќата на семејството Суља во скопската населба Чаир. Четириесет и тригодишниот Мухамед ја убил сопругата Наџије (42) по што бил уапсен. Според соседите, веднаш по злосторството, се чуле пискотници на трите малолетни деца, кои останале без мајка.
Како што соопшти полицијата, убиството се случило вчера околу 6,20 часот. Откако се скарале брачните сопружници, Мухамед извадил пиштол и со еден куршум ја погодил во главата. Деверите веднаш ја однеле ранетата снаа во болница, но за нејзиниот живот било доцна.
„Сторителот е приведен, пронајден е и пиштолот, кој ќе биде даден за вештачење и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот“, соопшти МВР.
Жителите на улицата „Кемал Сејфула“ во Чаир вчера не можеа да се соземат по шокот. Жешкото понеделничко утро донесе несреќа во најблиското соседство.
„Прво се чудевме зошто доаѓа полиција. Верувајте, не слушнавме ниту карање, викотници, пукање... Единствено се слушнаа детски пискотници, веројатно, откако се случило убиството“, велат соседите.
Според одредени шпекулации, убиството било извршено со модифициран сигнален пиштол. Наводно, како придушувач било употребено пластично шише. Првично, Суља немал дозвола за користење на пиштолот.
Соседите тврдат дека Мухамед и Наџије со своите деца се доселиле пред 7-8 години во куќата на улицата „Кемал Сејфула“.
„Многу мирни и повлечени луѓе. Не беа посебно дружељубиви, барем не со нас. Има таму чевларска работилница, работеа, не изгледаше дека се караат. Којзнае што била работата“, зборуваат соседите.
Во дворот од семејната куќа на Суља со часови вриеше од полицајци и лица задолжени за трагите по убиството. Се обидуваа да го состават мозаикот за тоа што точно се случувало во куќата број 3 на улицата „Кемал Сејфула“ и што го натерало сопругот да и' пресуди на својата животна сопатничка. |