„Кралот на Ла Манш“ го покори и Охрид
Мајкл Рид на 70 години го преплива езерото за десет часа
Миодраг Мицковиќ
Мајкл Рид, еден од ветераните на светското маратонско пливање, кој во својата богата кариера 33 пати го има препливано каналот Ла Манш, во 1984 година дури шест пати за што го доби епитетот „Кралот на Ла Манш“, во неделата успеа со своите 70 години да го преплива и Охридско Езеро. Британецот ја исплива патеката „Климе Савин“ од Свети Наум до охридското пристаниште, долга 33 километри, за 9:50,52 часа, со што си ја оствари својата дамнешна желба.
Иако во поодминати години, со проблеми со шеќерот и со астмата, овој витален старец се фрли во водите на езерото на брегот кај Свети Наум во неделата во 10 часот и го почна еден од најголемите потфати во неговата кариера. Пливаше сам, езерото беше мирно, времето како погодено за маратон, иако Рид немаше противници со кои ќе се натпреварува. Практично, тој самиот беше својот најголем противник. Се' беше организирано како да се одржува редовниот, традиционален Охридски маратон, со главен судија и со негови помошници, со лекари, со ка��чиња, со придружна екипа.
Мајкл Рид за време на речиси десетчасовното пливање немаше поголеми проблеми, како што ни раскажа синот на македонската пливачка легенда Нико Нестор, Ромео, кој беше во чамецот што го наведуваше Рид покрај брегот на езерото до целта.
„Два-три пати го фаќаа грчеви во нозете, но сето тоа храбро го издржа“, беа зборовите на Ромео Нестор. „Некаде кај Трпејца околу дваесетина минути почна да дува малку посилен ветер Стрмец, кој малку го забави неговото темпо, но и тоа помина. Рид пливаше речиси во истото темпо од 48 до 52 завеслаи во минута, што е навистина одлично со оглед на неговите години. За време на овие десет часа неколку пати пиеше фруктоза, една мешавина со шеќер, и двапати побара чоколада од 20 грама и тоа беше се'“.
Интересни се зборовите на главниот судија, некогашната маратонка Соња Думбаловска, која како официјален претставник на ФИНА беше главен судија, а и помагаа Валентина Караѓулева и Доминика Чауле.
„Мајкл има специфичен стил на пливање, мошне лесен, чиниш како да плута во водата. Телото му беше речиси над неа, а не под неа. Водата не беше многу студена, околу 22 степени, што му одговараше, бидејќи е навикнат да плива во многу постудени води, како во каналот Ла Манш“, вели Думбаловска. „Бев сигурна дека ќе успее. Не зборуваше многу за време на пливањето, контактираше единствено со возачот на кајчето што го придружуваше Ристо Бакалов и постојано пливаше покрај неговата лева страна.
По пристигнувањето на охридското пристаниште Рид беше воодушевено пречекан од голем број охриѓани и туристи, кои со голем аплауз го поздравија неговото излегување од водата.
„Ја исполнив мојата дамнешна желба да пливам на патеката на толку познатиот Охридски маратон. Пресреќен сум што успеав да ја испливам и да им докажам на младите маратонци дека годините не се пречка за вакви подвизи. Им благодарам на организаторите, се' функционираше одлично. Им благодарам и на луѓето што ме пречекаа на целта. Не очекував таков пречек“, им рече на новинарите Мајкл Рид. „Овој подвиг им го посветувам на моите големи пријатели, вашиот најдобар маратонски пливач Нико Нестор, како и на мојот пријател Кире Заров, кого го запознав во Англија, кога пливаа вашите маратонци на Ла Манш“.
Интересно е дека покрај трите кајчиња што го следеа, во чамецот на главниот судија се наоѓаше и неговата придружничка од Грција, Тања Клар, која досега секогаш била покрај него на маратоните во оваа држава. |