Свет меѓу корици
Ги плаќаме ли гревовите на нашите предци?
Невена Поповска
Зеруја Шалев е име кое малку значи доколку нејзините дела не се читаат во превод на некој од светските јазици. Родена е во 1959 година во кибуцот Кинерет, магистер по теологија, и автор кој со трилогијата за брачниот и вонбрачниот живот: „Љубовен живот“, „Маж и жена“ и „Доцно семејство“, најпрвин го потресе конзервативниот Израел, а потоа нејзината слава се прошири во Европа каде што е добитник на многубројни важни книжевни награди. Токму затоа што пишува за љубовта, а не за политиката, во Израел и' пристапуваат на улица брачни парови кои се откажале од разводот само затоа што ги прочитале нејзините книги. „Се занимавам со интимата и ја избегнувам политиката колку што е тоа возможно во Израел, вели Шалев. А не се ли Израел и Палестина како маж и жена во несреќен брак?“ Без оглед на тоа што во литературата се посветила на брачните, а не на политичките кризи, во 1994 година за малку не станала жртва на нападот од жена-бомба во автобус. „Ние во Израел, објаснува авторката, би��ејќи постојано сме во животна опасност, мошне сме чувствителни и интуитивни во однос на оние што живеат во мир. Би рекла дека ние посериозно ја сфаќаме љубовта“.
Иако навидум изгледа дека во она што го пишува ја сецира сопствената интима, бидејќи сите нејзини романи претставуваат внатрешни монолози, авторката смета дека дека тоа е досадно, бидејќи идејата на литературата е да измислува приказни, а не да пишува за себе. Но, не пишува ли секој писател, сакајќи или не сакајќи, приказни за себе, завивајќи ги сопствените искуства со провиден или помалку провиден превез? Денеска Зеруја Шалев се смета за една од најголемите израелски писателки, чии книги се преведени на дваесетина јазици. Кај нас книгата „Љубовен живот“ ја објави Издавачкиот центар „Три“.
Далеку од секакво литерарно помодарство, бидејќи сме сведоци на неочекуван успех, а потоа и пад на т.н. chick-lit жанр, Шалев се занимава со чувствата во манирот на литерарен класик. „Љубовен живот“ е класичен роман свртен кон внатрешноста на својата хероина, кој со темата за кобната љубов како да извира од 19 век, а според стилот на пишување - самоизложување на свеста, како да е од почетокот на 20 век.
Хеорината ќе се затекне во состојба на страст, а ни самата не знае како. Веќе самиот чин на отворање на вратата, а токму така почнува романот и средбата на Јара со Ари на прагот на нејзината семејна куќа, како да го пушта тој ветер во нејзиниот живот.
Остатокот од романот претставува само виор: градење на животот, движење кон напредок во бракот и кариерата... и сето тоа ќе се уништи од желбата за многу постариот пријател на татко и', кој штотуку доаѓа од Франција. Во романот има многу односи и сите се сложени. Не станува збор само за Ари и Јара, туку и за старогрчкиот поим „hybris“ што се однесува на гревовите на предците. Имено, Ари некогаш бил вљубен во мајката на Јара, а таа го одбила од пресметливи причини, бидејќи сакала за се омажи за човек со кариера, доктор. И токму како во книгите на рускиот претскажувач Сергеј Николаевич Ларазев, кој во се' што ни се случува наоѓа причина во лошите потези на нашите татковци, мајки, дедовци или баби, триесет години подоцна, Јара со своето лудило кон Ари како да плаќа за студениот однос на мајка и' кон него... Служејќи се во секој свој роман со хероина која ќе се најде во средиштето на лична драма, Зеруја Шалев досега опиша цела палета љубовни метаморфози: од прељубнички страсти до заситување од брачната заедница и назад. Таа со својот роман, кој е верна слика на согорување на авторката, не' враќа во почетокот, на таа примарна драма, на првиот роман напишан пред осум века. |