Избрани тројцата потпретседатели на Собранието на РМ
12.07.2011, 13:27
Светлана Јакимовска од ВМРО-ДПМНЕ, Јани Макрадули од СДСМ и Сузана Салиу од ДУИ се тројцата потпретседатели на Собранието на Република Македонија, кои денеска беа избрани на третата собраниска седница.
Со тоа, првпат Парламентот ќе има две жени потпретседатели, а Салиу е првата жена Албанка што ќе биде на оваа функција.
Во однос на изборот на Салиу за потпретседател на ДУИ, Ермира Мехмети рече дека нејзината академска подготвеност и работното искуство им даваат за право да веруваат дека со изборот на Салиу, Собранието ќе добие уште повеќе на квалитет.
Во расправата за кандидатурата на Макрадули за потпретседател на Собранието, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се изјасни дека ќе гласа за предлогот само затоа што согласно законот еден од потпретседателите треба да биде избран од редовите на опозицијата, но оти не се согласуваат со кадровското решение што го нуди СДСМ.
Тие се незадоволни од функционирањето на Макрадули како потпретседател во минатиот собраниски состав, особено во времето к��га СДСМ го бојкотираше Собранието и му забележуваат за начинот на водење на седниците, како и за неговото лично однесување за време на седниците.
- Се надеваме дека пратеничката група на СДСМ ќе побара пауза и ќе предложи друго решение. Доколку не го стори тоа, ќе го поддржиме овој предлог од единствена причина затоа што тоа е законска обврска, но сметаме дека тоа е лошо решение кое нема да допринесе за подобрување на работата на Собранието и за една конструктивна атмосфера на дијалог меѓу сите политички субјекти, рече Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ.
|