Анализа на „Утрински“
Зошто (за)доцни Владата?
Нешто чкрипи во преговорите меѓу старите партнери
Александра М. Митевска
ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ на големо ја трошат втората половина од уставниот рок за составување на Владата. Кога овој број на „Утрински весник“ ќе излезе од печат, министерскиот состав можеби веќе ќе биде готов. Како и да е, факт е дека владиниот кабинет не се комплетира со молскавична брзина, иако такви беа најавите и на 25 јуни кога се конституираше новиот парламент и на 28 јуни кога претседателот Ѓорге Иванов му го предаде мандатот на Никола Груевски.
Тоа што се чекаше до последен момент (или до последниот можен датум) за свикување на првата собраниска седница беше сигнал дека преговорите меѓу вмровците и интегративците не течат толку мазно. Во овој случај не се покажа како олеснителна околност тоа што станува збор за стари партнери, чиј сооднос во новиот парламент е горе-долу сличен со претходниот и кои немаат потреба од вклучување нови сојузници во коалицијата. Логиката, пак, дека во име на досегашното сојузништво, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе т��еба да направат само ситни корекции во извршната власт, не се покажа како издржана.
Оттаму и прашањето каде чкрипи соработката меѓу Груевски и Али Ахмети, од чии штабови во неколку наврати беа пуштани пораки дека преговорите за обновување на коалицијата се воделе во мошне конструктивна атмосфера. Дали проблемот навистина е во распределбата на функциите во третиот ешалон, кои би можеле да се договараат и во од доколку партнерите имаат јасна визија какви кадри треба да ја водат идната Влада - и во која насока?
Или, пак, пореални се претпоставките дека идиличната увертира во преговорите за новата Влада се нарушила поради „Воинот на коњ“, кој постизборно дојава на плоштадот „Македонија“. И донесе нови сомнежи околу капацитетот на интегративците да издејствуваат од коалициските партнери политики што би значеле придвижување на Македонија кон НАТО и ЕУ.
Најавите дека програмата и имињата на министрите во новиот кабинет на Груевски ќе стигнат во парламентот до крајот на минатата недела не се остварија. Во викендот што измина, веројатно, немало ниту некоја посодржајна комуникација меѓу лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, бидејќи досегашниот и иден премиер беше на конференција во Будва. А изјавата што ја даде Груевски таму беше прв негов повпечатлив настап во јавноста по изборите на 5 јуни.
Четириесетина дена по изборите, во политичката арена владее вистинско затишје. Главните актери што повторно добија мандат да ја составуваат Владата, едноставно, исчезнаа од сцената. Да не ја брануваше јавноста Конгресот на социјалдемократите, политичкиот мир и тишина ќе беа апсолутни и само одвреме-навреме ќе беа нарушени со исфрлање понекое име како кандидат за иден министер за веднаш потоа да се испукаат уште неколку личности како негови противкандидати.
Подолго од еден месец по изборите, единственото нешто за кое јавноста е сосема начисто е дека Антонио Милошоски нема веќе да биде министер за надворешни работи. За сите други ресори и можни персонални решенија информациите се менуваат од ден во ден. За владината програма, пак, ретко некој зборува, иако упатените се речиси сигурни дека околу неа повеќе се кршат копјата отколку околу кадровските прашања. Поточно, дека и за ВМРО-ДПМНЕ и за ДУИ е многу поважно што ќе усогласат како владина платформа, а дека најважно е тоа што ќе го договорат, а нема да и' го соопштат на јавноста.
Ако се суди по неофицијалните информации за текот на преговорите меѓу двете партии, тоа што ДУИ не се крена до „небесни височини“ со ресорите што ќе и' припаднат, не значи дека Ахмети нема да издејствува крупни работи од Груевски. Тоа што соодносот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и во овој како и во претходниот собраниски состав е околу три спрема еден, не значи дека не е покачена цената на албанскиот партнер во власта за сметка на водечката партија на „Илинденска“.
Опозициските партии од албанскиот блок од аспект на нивната бројна застапеност во законодавниот дом, тешко дека може да претставуваат алтернатива за ДУИ во власта. Без ДУИ, пак, ВМРО-ДПМНЕ нема апсолутно мнозинство во парламентот како што беше случај досега. Овој пат и парламентарната опозиција е доста помногубројна, а за добрите релации меѓу СДСМ и ДУИ, нема потреба многу да се зборува.
Се' на се', постизборниот распоред на силите јасно навести дека не треба да се очекува новата Влада и нејзината програма да се состават за миг. И дека старите партнери ќе бидат принудени на нови отстапки. Освен ако преговорите не се одолжат смислено за да се купи време и да се зачува летната монотонија на политичката сцена. За да се наполнат батериите до септември кога новата Влада, најверојатно, ќе почне да се соочува со многуте проблеми што ги потиснаа изборите во втор план.
|