Музиката е еден јазик со повеќе дијалекти
Македонскиот музичар Дуке Бојаџиев од Њујорк доаѓа во Охрид, каде што на 2 август во Антички ќе одржи голем концерт
Тина Иванова
Имавме магична вечер со преполна сала“, рече македонскиот музичар Дуке Бојаџиев по концертот што го одржа неодамна во „Карнеги хол“ во Њујорк. Бојаџиев и неговата екипа составена од интернационални музичари биле испратени со овации од најпрестижната светска сцена. „Самата акустика, прекрасната публика и атмосферата, сите не' понесе на едно љубовно патување“. Со истиот проект, насловен „Love is the way“, Дуке Бојаџиев со уште неколкумина познати и признати музичари ќе се претстави и пред македонската публика во рамките на годинашново „Охридско лето“. На 2 август на сцената во Антички театар музиката на Бојаџиев ќе се обиде да ја пренесе и домашната публика на некои магични места, како што за њујоршкиот концерт изјави продуцентката Џени Каракаја.
За ова интервју, Дуке Бојаџиев, кој изминативе десет години живее во Њујорк, и кој зад себе има голем број музички остварувања, меѓу нив и музика за филм, вели дека концертот во култната сала на „Карнеги хол“, каде што ја презентираше неговата, авторска музика, но и обработки на македонска изворна музика со комбинација на музичари од целиот свет, бил едно прекрасно искуство и една преубава презентација на нашата култура во светски рамки. „Со уште поголема возбуда сакам истиот концерт да и' го доближам до македонската публика, бидејќи коренот на се' што сум и што работам потекнува токму од ова парче земја“, вели тој.
Најавува дека македонскиот концерт ќе се случи во проширено и збогатено издание, со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија и македонски и странски гости со кои работи повеќе години. „На 2 август на сцената во Античкиот театар во Охрид покрај Камерниот оркестар ќе се појават и холивудскиот актер и наратор Јан Букенан, еден од најдобрите свирачи на ут во светот, Ара Динкијан, нашите виртуозни кларинетисти, дипломци на престижната музичка академија ’Џулијард‘ во Њујорк, Исмаил Лумановски и Васко Дуковски, врвните перкусионисти Матијас Кунцли и Александар Петров, нашиот сопран Милена Арсовска, која повеќе години успешно работи и живее во Виена, како и вокалите на актерката и пејачка Верица Недеска и нејзината вокална придружничка Верица Андреевска.“
На прашањето дали уметничката иднина ја гледа на њујоршката сцена, но и за тоа, како еден Македонец живее во оваа светска метропола и колку му недостига родната земја, Бојаџиев вели: „Во Њујорк живеам веќе десет години и можам само да кажам дека е магичен град во кој човек еднаш штом се навикне и го адаптира во системот, тешко се одвикнува. Градот плени со посебна енергија и убавина која само оној што го посетил може да ја разбере и почувствува. Њујорк не значи њујоршка сцена, туку подразбира светска сцена. Тука се создаваат нови правци и стилови во музиката и е место во кое живееле и живеат многу имиња кои го промениле текот на историјата во последниве 100 години. Од друга страна, пак, Македонија е мојата родна грутка, мојот корен од кој влечам секогаш инспирација и ја имплементирам во рамките на моето творештво на њујоршката сцена. Живееме во 21 век каде местото на живеење не е статично како во минатото и мојот живот е и тука и таму.“
Музичката јавност веќе ја препознава музиката на Бојаџиев, тој прави интересна фузија на класична музика, хип-хоп, амбиентална музика, електронска музика, инкорпорира и етноелементи... Неговиот концепт на работа го објаснува на ваков начин: „Јас работам повеќе стилови на музика, во кои еднакво уживам при создавањето и креацијата. Во случајов, ова концертно издание е селекција од мојата оркестарска и филмска работа со комплетно класичен пристап. Пијано, камерен оркестар и гости пејачи и инструменталисти. Моите први настапи на нашите простори во последниве години беа повеќе од домеинот на електронската музика, но ова е нешто што кај нас премиерно го презентирам во концертно издание“, вели Бојаџиев. За неговата музичка фантазија вели дека е стилски доста богата. „Отсекогаш музиката ја гледав како едно, како еден јазик со повеќе дијалекти. Во случајов, мојата животна приказна и мојата музичка љубопитност ме наведе да научам многу од тие дијалекти, а животот и динамиката во Њујорк ме научи како сите тие дијалекти да ги применувам во секојдневната работа.“
Навистина е тешко и делува можеби како научна фантастика да се прави некаква паралела меѓу Њујорк и Скопје во однос на современата музичка сцена и нејзиниот развој, но сепак, на прашањето, дали кога човек живее на две различни страни од светот, некомпатибилни во секоја смисла, може да даде пообјективна оценка за постоење на некаква сцена овде, Бојаџиев вели: „Не можам да правам споредба меѓу сцената тука и таму, исто како што не можам да правам споредба меѓу Њујорк и Скопје како градови. Се работи за други димензии, друга динамика, друга историја. Но, можам да кажам дека кај нас сцената си функционира одлично, иако повеќето луѓе кои живеат тука тоа не го гледаат, токму поради таа споредба на Македонија со светот, без земање во обзир на сите други фактори. Кај нас слушам се повеќе млади и талентирани групи, изведувачи и уметници. Но, проблемот е што нашиот народ го има оној синдром на скоро секоја мала држава во светов, треба поголемата држава да каже дека нештото е добро, за да се прифати и кај нас. Тој менталитет треба да се смени и да се поддржи квалитетот без предрасуди. Македонија име повеќе талентирани луѓе на едно место одколку многу поголеми држави во светот, но човек треба да поживее малку повеќе надвор з�� да го свати и увиди тоа.“
Еден италијански музички критичар кој неодамна присуствуваше во Скопје, го опиша градот како едно големо градилиште. Секое враќање во Скопје Дуке Бојаџиев го гледа со поинакви очи. Вели дека сега се повеќе почнува да заличува на сериозен град. „Иако и тоа градење од многумина се гледа повторно со предрасуди, моето видување на Скопје е дека прераснува се повеќе во вистински главен град на една држава, во една модерна метропола која расте и се' уште ќе расте во годините што следуваат“. |