„Кланица“ на Тур де Франс
Двајца повредени од автомобил, четворица се откажаа по карамбол, Веклер нов лидер по деветтата етапа
Учесниците на Тур де Франс збеснаа откако двајца од нив беа повредени во судир во кој беше вклучен и телевизиски автомобил во деветтата етапа. Шпанецот Хуан Антонио Флеча падна на земја, а Холанѓанецот Џони Хогерланд заврши во ограда од бодлива жица.
„Тој лежеше во бодлива жица, целиот беше во неа, во боцките, гаќите му беа наполно соблечени, тој беше целосно гол“, изјави Мишел Корнелисе, спортски директор на тимот на Хогерланд, Вакансоле, по спасувањето на неговиот велосипедист од ровот. „Го видов само како лета низ воздухот. Има длабоки исеченици на нозете, возеше со 60 км/ч, беше неверојатно“.
Флеша доби лекарска помош на својот велосипед за повредениот лакот, а Хогерланд со раскрвавени нозе влезе во целта 17 минути по победникот на етапата.
Новиот лидер на Тур, Французинот Томас Веклер, кој беше сведок на инцидентот кога возилото се обиде да ја престигне групата од петмина бегалци во која беше и тој, изјави: „Можев да бидам и јас. Судирите при спуштање се разбирливи, тие се дел од трката. Не сум тука за да предизвикувам контроверзија, но има доволно ризици во една велосипедска трка и без ваков инцидент за жалење“.
„Организаторите треба да преземат мерки за да ги заштитат возачите“, додаде етапниот победник Луис Леон Санчез од Шпанија.
„Непромисленото возење е непростливо во трките и насекаде“, изјави тимскиот менаџер на Леопард-Трек, Бријан Нигорд.
Француската телевизија се извини за инцидентот на својата страница на Фејсбук, на која напиша: „Ние сме погодени од незгодата што се случи денеска и во кој беше вклучено возило за придружба на Француска телевизија“.
Организаторите го исклучија возачот на возилото од трката.
„Томас Веклер побара шише со вода и јас ја пренесов пораката до автомобилот на тимот на Јуропкар преку радиоврските на трката, замолувајќи ги автомобилите во трката да ослободат пат“, објаснува директорот на Тур, Кристијан Придом. Наместо тоа, автомобилот што беше причина за падот на велосипедистите се обиде да ги престигне, но пребрзо и двајца од нив ги испрати долу. Им се извинуваме на возачите и на тимовите. Ова е скандал. Ова е втор инцидент во кој се вклучени медиумите на патиштата на кои се вози Тур де Франс, а две незгоди се премногу“.
Во текот на петтата етапа мотоцикл на фотографите го удри Ники Соренсен и го испрати на земја.
Поранешниот тимски менаџер на Вакансоле, Хилаир ван дер Шурен, изјави дека инцидентот сериозно влијаел врз нивниот настап.
„Од ситуација во која бевме во можност да ја освоиме етапата, да ја преземеме маичката за најдобриот искачувач и да напредуваме во вкупниот поредок, сега сме во ситуација кога не знаеме ни дали Џони ќе може да продолжи“, изјави тој.
Официјалните лица на тимот Скај на Флеча одбија да го коментираат настанот.
„Сега сите се емотивни. Ќе ја разгледаме ситуацијата утре и ќе видиме што ќе правиме“, рече тимскиот менаџер Дејв Брејлсфорд.
Флеча и Хогерланд добија слаба утеха во добиеното признание за најагресивни возачи во етапата. Таа претходно беше погодена од голем карамбол, по кој четворица беа принудени да се повлечат, меѓу нив и Казахстанецот Александар Винокуров, кому ова му беше последен Тур де Франс, како и Белгиецот Јирген ван ден Брук. Неговиот сонародник Фредерик Вилемс ја скрши клучната коска, а Американецот Дејвид Забриски се повлече од трката поради повреда на зглобот на раката.
Трикратниот победник Алберто Контадор се пожали дека инцидентот можел да биде избегнат.
„Овие судири се случуваат поради тоа што има доста лоши временски услови, доста тесни патишта, но свртувањето требаше да биде сигнализирано“, изјави Шпанецот.
Резултати од деветтата етапа: Луис Леон Санчес (Шпанија/Рабобанк) 5:27,09 ч., Томас Веклер (Франција/Јуропкар) +5 секунди, Санди Касар (Франција/ФДЈ) +13 секунди итн.
Вкупен поредок: Веклер 38:35,11 ч., Санчез +1:49 минути, Кадел Еванс (Австралија/БМЦ) +2:26 минути итн. |