Oд поинаков агол со Верица Пандиловска
Лично спечалените пари се тешки, ама чесни!
Поп-пејачката, која долги години е дел од домашната естрадна сцена, зборува за трнливиот пат до успехот, за приоритетите во животот, личната среќа и за семејниот бизнис
Катерина Шекеровска
Со поп-пејачката Верче Пандиловска, која долги години е дел од домашната естрадна сцена, отсекогаш било пријатно да се разговара. Со неа нема калкулации, шминки, некакви пресметки... Отсекогаш и во периодите на најголема популарност и во оние потивки моменти од кариерата и од животот, таа стоела со двете нозе цврсто на земја. Во секој момент и секаде доминираат нејзината искреност и одговори - без задршка. Во интервјуто за „Утрински весник“ зборува од еден поинаков агол, некои би рекле, човечка димензија на сето она што го работи и од што е составен нејзиниот живот.
По подолг период, одново си актуелна на музичката сцена со спотот за песната „Нема да остареш“. Ако порано бевме навикнати да те имаме во поголеми дози, сега твоите јавни појавувања се сведени на минимум. Ш��о е причината за оддалечувањето од активното присуство на мак поп-сцената?
„Моментално работам со полна пареа исто како и во претходните години. Не сум од оние типови пејачки што сакаат да ги има по секоја цена во весници и на телевизии. Исто така, не сум тип што снима песни само за да пополни време или, пак, прави албум со една добра и уште десет лоши музички нумери само за да може секоја година да го има на медиуми со носач на звук.
Кај мене нема ништо набрзина. Јас пристапувам кон секоја песна студиозно, која ќе ги задоволи моите лични критериуми. Мора прво мене да ми се допадне, а потоа и на сите други. Моментално мак поп-сценава личи на турли-тава, па затоа некако и не ми е предизвик. Еве кога е со повод и причина, а наедно и имам што да кажам, тогаш мислам дека е во ред да се појавам на медиуми“.
Во последните години се сврти кон бизнисот. Колку те исполнува таа работа и колку е доволна за удобен живот?
„Бизнисот со долна облека го работиме семејно со години. Мене лично тоа ми е само еден сегмент од животот. Најбитно од се' ми е естрадното пеење, односно живите настапи низ нашава држава. Се' друго ми е хоби. Јас лично мислам дека која било работа на која ќе се посветиш максимално и ја работиш со љубов, мора да даде плод, односно успех. Отсекогаш освен пеењето, сум сакала да имам семеен бизнис, па ете тоа ми се оствари од пред многу години. Првин со центарот за убавина, а еве веќе три години и со дуќанот за долна облека. Јас лично немам некои мегаломански барања за да живеам удобно. Имам нормални потреби како и секој млад човек. Сепак, јавниот живот, односно естрадата навистина бара друг вид однос кон гардероба, шминка, фризура, значи комплетен адекватен стајлинг за секоја пригода. Сето тоа е дел од моето секојдневје, двете работи ги комбинирам и навистина сум задоволна, бидејќи живеам од она што го работам со љубов“.
Ти си една од ретките пејачки за кои може да каже дека со сопствена мака и пот си обезбедила основни животни услови, како што се купување стан, автомобил... Тешко ли се печали кај нас?
„Долг и трнлив е патот што треба да се изоди за да може да резултира со успех. Само упорност, верба во себе, но и малку среќа се потребни за да се дојде до нешто свое во животот со чесна работа. Тоа е многу драгоцено и вредно. Воедно и навистина тешко и макотрпно, бидејки се работи за ноќна работа што по одредено време си го зема својот данок.
Лично спечалените пари се тешки, ама чесни ! Никој потоа не може да дојде и да ти објаснува ништо“.
На што не штедиш пари? Што е за тебе луксуз и кога си го дозволуваш?
„Помина периодот кога ја трошев целата заработувачка на потпетици, бунди и ред други работи без кои, секако, и можев да преживеам. Тоа ми беше фаза во животот.
Кога се однесува на штедење лични работи, еве воопшто не штедам на квалитетна препаративна, но и декоративна козметика. Јас ја имам онаа девиза дека подобро е да имаш едно, ама вредно.
Со самото тоа, еве, да речеме, луксуз е веројатно да одам трипати во годината на патувања што се надвор од мојот буџет. Одмор на Сејшели или нешто слично не би можела да си дозволам секоја година. Со сопругот си дозволуваме еднаш во годината летно уживање некаде и тоа секогаш на различна дестинација и се разбира на зима заедничко скијање, најчесто на Попова Шапка.“
Што ти е најбитно во животот и дали си задоволна од тоа како досега се одвиваат работите? Веруваш ли дека се раѓаме со однапред скроено сценарио или секој човек сам си ја крои својата судбина?
„Среќна сум што сум здрава и жива и што си ја најдов сродната душа во животот.
Знаете може да имате се ама ако нема со кого тоа да го споделите се ви е бадијала. Имам работа која што ме прави среќна и човек кој што ми ја пружа сета љубов на овој свет. Секој сам си го крои животот. Сопствената одлука е секогаш најтешка ама и најсигурна. И да погрешиш сам си донел одлука по сопствениот избор, а тоа е навистина за почит“.
|