03.10.2011, 13:07 „ФК Вардар“ се огради од навивањето на дербито со Шкендија
Управата на фудбалскиот клуб Вардар од Скопје денеска преку соопштение се огради од начинот на кој симпатизерите на овој клуб навиваа на саботното дерби со Шкендија.
- Управата на „ФК Вардар“ целосно се оградува од навивањето со извикување на слогани на национална и етничка основа и уште еднаш апелира до сите симпатизери дека спортските навивачите треба да си го сакаат својот клуб, да ги бодрат своите фудбалери сите 90 минути, но не треба да заборават дека треба да ги почитуваат и противничките екипи, стои во соопштението до јавноста.
Од најтрофејниот македонски фудбалски клуб потенцираат дека со било каква навреда на противничката екипа по национална или етничка основа не му се помага на клубот, напротив му се прави штета затоа што дисциплинските органи на ФФМ и на УЕФА кога се играат меѓународни натпревари секогаш обрнуваат внимание на навивачите на нашите стадиони.
Затоа, од Вардар ги повикуваат навивачите во голем број да ги следат неговите натпревари, но со фер и спортско навивање.
Управата на „ФК Вардар“ со цел да се намали тензијата на трибините и да гради добри односи со сите фудбалски клубови во Македонија, пред натпреварот кој во саботата се одигра на „Филип Втори“ во Скопје, се договори со управата на ФК Шкендија да нема организирано патување на навивачките групи во Скопје и Тетово.
На дербито од 9.коло во Првата македонска фудбалска лига Вардар ја победи Шкендија со 2:0.
|