04.10.2011, 12:34 Ѓорѓи Христов на клупата на Металург
Ексрепрезентативецот ќе дебитира како тренер против Вардар, откако Тасевски доби отказ
Тоа што подолго време се очекуваше, се случи. Тренерот на Металург, Жикица Тасевски, се раздели со клубот, практично, доби отказ, иако, официјално, до раскин на договорот дошло по меѓусебна согласност со клупските челници, кои, по се' изгледа, барале многу повеќе од него отколку што се можностите на екипата. Металург е се' уште актуелен освојувач на Купот на Македонија, играше и во квалификациите за Лига Европа, во досегашниот тек на првенството нема пораз, но прикажаните игри не беа блескави, без оглед на освоените бодови.
Тренерите во Металург немаа долг рок на траење. Последни што тоа на своја кожа го почувствуваа беа Ѓоре Јовановски и Никола Илиевски-Џиџи, кои ги замени нивнииот помошник Жикица Тасевски, а кој ќе ја преземе функцијата шеф на Стручниот штаб останува да се види. Привремено екипата ќе ја води поранешниот репрезентативец Ѓорѓи Христов, кој досега беше тренер на младинците, но засега е тешко да се каже дали тој и официјално ќе биде назначен за прв тренер на подолг период. Христов е навистина познато фудбалско име, но нема поголемо тренерско искуство.
Во последните десетина дена Тасевски е трет прволигашки тренер што мораше да си замине. Пред него тоа го сторија Драган Христовски од Хоризонт и Ќатип Османи од Шкендија, а поминаа само девет кола од годинашново првенство. Тука се и Николче Здравески од 11 Октомври, кој беше заменет со битолчанецот Марјан Секуловски, а Охрид само по три кола го смени тренерот Здравко Цветановски, доведувајќи го на кормилото Србинот Драган Антиќ. Ренова многу брзо ја напушти тренерот Билбил Соколи, препуштајки му го местото на Влатко Костов, а на тренерската вртелешка се најде и Тетекс, бидејќи само што почна првенството Тони Јакимовски им кажа збогум на „штофарите“, а испразнетото место го пополни Драги Сетинов. (М.М.)
|