03.10.2011, 12:35 Одбојкарките на Србија ја освоија Европа
Во финалето на ЕП во белградски „Пионир“, Србинките беа подобри од Германија со 3:2, по сетови: 16:25, 25:20, 19:25, 25:20, 15:9.
Одбојкарките на Србија се новите европски шампионки. Во финалето на ЕП во белградски „Пионир“ тие беа подобри од Германија со 3:2, по сетови: 16:25, 25:20, 19:25, 25:20, 15:9. Посебно драматичен беше четвртиот сет, во кој Германките влегоа со водство од 2:1 по сетови и кој го почнаа со 6:0 и со 10:4, но, со огромна поддршка од публиката, домаќинот направи голем пресврт и го трасира патот до титулата. Со овој триумф избраничките на селекторот Зоран Терзиќ им се придружија на нивните машки колеги, кои пред две недели станаа европски прваци во Виена.
Во дуелот за третото место Турција ја совлада Италија со 3:2 (25:21, 15:25, 25:27, 25:19, 15:10). Италијанките го почнаа шампионатот со улога на бранителки на титулата, но на крајот останаа без медал што им се случува за првпат по 2003 година.
Првенството заеднички го организираа Србија и Италија.
|