06.10.2011, 15:07 Два меча казна за Мурињо за инцидентот против Барса
Дисциплинските органи на Фудбалската федерација на Шпанија го казнија тренерот на Реал, Жозе Мурињо, со два меча забрана за водење на тимот во шпанскиот Суперкуп, поради инцидентот на мечот против Барселона во август.
Мурињо во реваншот на годинашниот Суперкуп во Барселона му брцна прст во око на помошниот тренер на Барса, Тито Вилјанова. Тој меч е завршен со победа на Барса од 3:2. Вилјанова е казнет со еден натпревар, бидејќи одговори со шлаканица. Суспензиите се однесуваат само на мечевите од Суперкупот, па така и двајцата ќе може да седат на клупите на своите тимови во првенството и Купот на Шпанија.
„Бесрамно!“, овој наслов преовладува во незадоволните каталонски медиуми. Од друга страна, се јави и Мурињо. „Одлуката е срамна, скандалозна и политичка“, вели човекот кој мирно се довлечка до помошниот тренер на Барселона и мртов ладен му заби прст во око. Можеби Мурињо очекуваше награда. Мадридски „Ас“ пишува дека одлуката не е исправна, бидејќи Мурињо никого не повредил. Прст во око би можело да стане нормална појава во Примера.
|