03.10.2011, 14:49 Илиевски подобар од Антиќ
Македонскиот плејмејкер Владо Илиевски, со својот нов клуб Анадолу Ефес на турнирот „Две нации“ во Истанбул, беше убедлив против неговиот соиграч од репрезентацијата Перо Антиќ и Олимпијакос 87:62.
Тоа беше директен дуел за трофејот по победите на Ефес над Панатинаикос и на Олимпијакос против Фенербахче Улкер во првите средби на турнирот.
Првата четвртина беше рамноправна, но турскиот тим одигра фантастични втори 10 минути и на полувреме замина со 15 поени плус, кои не ги испушти до крајот. Илиевски одигра 18 минути за победничката екипа и постигна три поена, а додаде и два скока и три асистенции. Кај Олимпијакос, Антиќ играше многу важна улога под кошевите, но, и покрај тоа што беше еден од најдобрите во својот тим со осум поени и осум скока, не можеше да спречи висок пораз.
Најефикасен на средбата беше Теренс Кинси од Ефес со 18 поени, а кај Олимпијакос единствен со двоцифрен број поени беше Хајнс со 11 коша.
|