06.10.2011, 16:01 Македонија во ерменско осило
Избраниците на Тошак утре попладне гостуваат во Ереван во претпоследниот меч од квалификациите за ЕП.
Сашко Ѓ. Димовски
Повторувањето е мајка на знаењето - неефикасност, слаба реализација, неефикасност, слаба реализација, за победи се потребни голови. Селекторот Џон Тошак упорно повторува и порачува веројатно сакајќи да го всади тоа во главите на нашите фудбалери пред утрешниот дуел (17 ч. по македонско време) во Ереван со Ерменија, претпоследен во квалификациите за ЕП 2012 во Полска и Украина.
И не е тешко да се заклучи такво нешто кога е во прашање македонската репрезентација. На тоа може да гледаме како сакаме, да мислиме што сакаме, но Велшанецот е во право. Македонија утре попладне ќе го одигра 44 натпревар на гостински терен во сите досегашни циклуси за ЕП и СП. Во претходните 43 се радувавме само 6 пати, 12 пати ремизиравме и дури 25 пати бевме поразени. Притоа нашите играчи постигнаа 47 гола (11 во Вадуц против Лихтенштајн во квалификациите за СП 1998) и примија 75, а во 18 средби воопшто не успеаја да се запишат во листата на стрелци. Ваквиот биланс доволно говори за играта и ефектот на напаѓачите и редно време е да почне да се менува нешто во тој поглед. Н��ма сомнеж дека сакаме да се најдеме во завршница на голем фудбалски турнир. За тоа е потребна игра, голови, победи, како во Скопје така и на страна. Без тоа ништо. Дури во четири циклуси квалификации (за ЕП 1996, за СП 2002, за ЕП 2004 и за СП 2010) не славевме на мегдан на противникот. По една победа имаме во исто толку кампањи (за СП 1998, за ЕП 2000, за СП 2006 и актуелната за ЕП 2012), се надминавме само во циклусот за ЕП 2008 во кој впишавме два триумфа (кај Естонија и Андора). Ова се бројки, ова се факти кои не може да се демантираат без разлика дали сме имале игра, шанси, кој бил селектор. Се надеваме дека ќе имаме повеќе причини за радост и задоволство во ерата на Тошак иако големи очекувања и надежи полагавме со секоја промена на селекторската позиција во изминатите години.
Пред Македонија е меч во кој е најважно да се одигра добро, по можност како во Москва во септември кога, и покрај поразот од Русија со 1:0, оставивме добар впечаток. Не дека резултат не е важен во овие загубени квалификации меѓутоа играта е таа што ќе се гради за наредниот период и предизвикот што се издига пред нашите репрезентативци од наредната есен - обид за пласман на Светското првенство во Бразил во 2014 година. Дотогаш треба да се подигне нивото, да се бара начин за подобрување на ефикасноста, да дојдат голови. Веруваме во нов почеток, како што верувавме многупати досега, дека сонот Македонија на ЕП или СП еден ден ќе стане реалност.
Ако за нас е играта во преден план, тогаш за Ерменците и тоа како е императив резултатот. Победа против нашата селекција ќе ги одржи во игра за втората позиција во групата Б и баражот, пораз или реми, пак, ќе значи крај на сите надежи. Затоа никој и не помислува на последните варијанти. Се најавува полн стадион и максимална поддршка за домашните играчи, момент од што дополнителен мотив за добро издание ќе се обидат да извлечат и македонските репрезентативци.
|