04.10.2011, 16:01 И Филип Ивановски во репрезентацијата
Повикот за напаѓачот на Вардар доаѓа по откажувањето на Агим Ибраими.
Филип Ивановски е најновото име во фудбалската репрезентација на Македонија. Се приклучи денеска по тренингот со неговиот Вардар, а повикот за него доаѓа по откажувањето на Агим Ибраими. За напаѓачот на црвено-црните ова е кам-бек во националниот им. Премиерата ја имаше кај Мирсад Јонуз и во првиот свој меч во македонскиот дрес се запиша во листата на стрелци. Ивановски е втор играч на вардарци што е во комбинација за настап во средбите со Ерменија и Словачка по Влатко Гроздановски.
Македонските репрезентативци денеска одржуваат два тренинга во Скопје, а утре наутро заминуваат за Ереван каде во петок ќе и гостуваат на Ерменија во претпоследниот дуел во квалификациите за ЕП 2012. Атмосферата во тимот е добра, задоволува и здравствениот билтен.
„Познато е дека создаваме нова селекција во која има многу млади фудбалери. Стручниот штаб постојано ни укажува дека средбите со Ерменија и Словачка треба да се сфатат како подготовка за циклусот квалификации за Светското првенство во Бразил“, изјави „единицата“ на белгиски Жерминал, Томе Пачовски. За претстојните дуели тој до��олни:
„Одиме во Ереван да одиграме најдобро што можеме. Домаќинот е втор во групата меѓутоа ние можеме да изненадиме. И не само таму, може да и тука против Словачка во вторник. Играме добро, недостасуваат резултати. Со новиот селектор почнавме и нов ритам на подготовки. Наша цел се наредните квалификации во кои ќе се обидеме да одиграме многу подобро, да бидеме конкурентни и да го поправиме рејтингот на македонскиот фудбал“. (С.Д.)
|